Вечер на соло песни со бас-баритон Милан Силјанов

Инспиративна вечер на соло песни со извонредниот бас-баритон Милан Силјанов

„Вечер на соло песни“ е насловот на рециталот на извонредниот вокален солист, бас-баритонот Милан Силјанов (Македонија/Швајцарија), кој долго години наназад е активен на европските музички сцени.

На 22 април (понеделник) во Камерната сала на Филхармонијата во 20 часот, Силјанов ќе настапи заедно со неговата долгогодишна партнерка, пијанистката Нино Чоконелидзе од Грузија.

Оваа вечер ќе бидат изведени инспиративни циклуси на песни:„Љубовта на поетот“ оп. 48 одР. Шуман, Циклус песни „Let us garlands bring“ оп. 18 одЏ. Финзи,„Дон Кихот и Дулчинеа“ одМ. Равел, како и„Отпловена Русија“ од Г. Свиридов.

Бас-баритонот Милан Силјанов студирал на Високата школа за уметности во Цирих, а се усовршувал во познатата школа за музика и драма „Гилхол“ во Лондон, на отсекот опера, под менторство на проф. РудолфПјерне. Добитник е на значајни награди и признанија-втора награда и награда од публиката на престижниот АРД натпревар во Минхен, (2018), прва награда на интернационалниот натпревар за соло-песна во Лондон (2015), организиран од „ВигморХол“, додека во 2014 година Силјанов ги освоил и двете награди – прва награда и награда од публиката на 50.Меѓународен вокален натпревар во Хертогенбош, Холандија. Соработува со светски познатите диригенти Кирил Петренко, Константинос Карјадис, Инго Мецмахер, Дан Етингер, Џошуа Вајлерштајн и др. Неговите неодамнешни настапи ги вклучуваат улогите: Лепорелово „Дон Џовани“ од Моцарт на Фестивалот во Вербиево Швајцарија, кадешто му е доделена наградата „Ив Патерно“ за најистакнат уметник во рамките на Академијата, Антониово Моцартовата „Свадбата на Фигаро“ и Петер Бесендиндерво „Јованче и Марика“ од Хумпердинк – двете во Операта во Минхен. Во сезоната 2018/2019, се бележат неговите изведби на „Зимско патување“ од Шуберт на Музичкиот фестивал во Кембриџ, на „Нелсон мисата“ од Хајдн во Дрезден под диригентската палка на Омер Меир Велбер, како и рецитали на Фестивалот за соло песна во Оксфорд и во Вигмор хол со пијанистката Нино Чоконелидзе. Милан Силјанов во моментов е член на ансамблот на Баварската државна опера во Минхен.

Родена во Тбилиси, Грузија, пијанистката Нино Чоконелидзе дипломира на тамошниот Државен конзерваториум, а дипломира и магистрира на Универзитетот за уметности во Цирих, Швајцарија. Активна е како камерен музичар, а постојано настапува како пијано соработник особено на соло-пејачи и како корепетитор. Одржува рецитали во Холандија, Германија, Швајцарија, Франција и Велика Британија. Добитничка е на награда токму за пијано придружба, на натпреварот „Шуберт“ во Дортмунд, на прва награда како и награда од публика на Вокалниот натпревар во Хертогенбош, Холандија, како и на престижната прва награда на Интернационалниот вокален натпревар во „Вигмор хол“ во 2015. Следните ангажмани на Чоконелидзе вклучуваат рецитали во „Вигмор хол“ во Лондон, настапи на Вокалниот фестивал во Оксфорд, потоа во Кембриџ, како и во Минхен и во Баварската државна опера.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.