Васил Иљоски: За едно ретко убаво пријателство

Писмо во што следува е напишано од антологискиот македонски писател Васил Иљоски, а посветено на уметникот и хуманист Живко Поповски- Цветин.
Го опева пријателството, а во овие редови лежат и низа други мудрости, искажани од големиот мајстор на зборот кон големиот мајстор на цветниот цртеж.

****
На пријателството како врвен, најидеален однос во широката скала на меѓучовечките односи, може да му се приоѓа од многубројни, разни аспекти, посебно како за нешто не статично, туку нешто што има свој развој, значи и почеток. Најчест е случајот, иако може да има спријателување при една средба на улица- пријателство на прв поглед, пријателството да се зародува, сосем спротивно, во трајно и често дружење (во канцеларија, на состаноци, приредби) постепено неосетно да се развива, како самодојдено, самосоздадено, така што да не се знае ни кога ни како почнало.
Има и пријателство за кое не се знае ни дека постои. И самите двајца пријатели да не знаат дека се пријатели. Ова не е ни апсурд, ни некаков парадокс, туку искуство, сознавање до кое скоро дојдов, во доста напредната возраст. Потврда дека човек може да учи се додека е жив. Случајот што не е ни апсурд ни парадокс, туку конкретен, автентичен, е и овој. Другарот Живко А.Поповски, за кого знаев дека приредува изложби на свои слики минијатури, на тема цвеќе, и сликите ги подарува, преку ќерка ми Лилјана, зашто, непосредно не се познававме, изрази желба да ми подари слика. Подарок се дава на пријател. Така дознав дека јас сум пријател на другарот Живко, а дека и тој е мој пријател, по тоа што на син ми Мирослав во поединости му зборувал за Бегалка”. Сите мои реципиенти читатели и гледачи од мојата повеќеслојна театарска публика, се мои пријатели, а посебно тој, зашто, ќе кажам, но сакам прво да истакнам дека сме биле пријатели од многу порано, дека нашето пријателство постоело пред да сме знаеле за него, тоа е своевидно отпосле откриено пријателство. Сега дури јас знам дека бил и е мој пријател човек кој во своето определување за хуманистички ангажман, за пријателство меѓу луѓето и народите, што значи и за највисокиот идеал на човештвото мирот, тој си избрал и најубаво средство цвеќето, кое природата како да им го подарила на луѓето за меѓусебно да си го подаруваат, го избрал како своја животна тема за свои ликовни минијатури кои на илјадници ги подарува.
Во една специфична амбасадорска мисија, ги подарува на надворешни видни личности пријатели на нашата земја, а на своевиден начин за подигање на повисок квалитет на меѓучовечкото комуницирање, пријателување, на личности и од нашата средина, само по еден пример: на Индира Ганди и на Блаже Конески имиња кои јасно сведочат за критериумот на Поповски во неговиот избор.
Пријателствата избрани и барани од овој хуманист се високопринципно засновани и етички мотивирани. И промислени, одмерени. Конкретизација на наведените примери: подарувањето слика на Индира Ганди сосем не е нескромно барање на пријателство, тоа е личен израз на почитување кон осведочен голем пријател на нашата неврзана земја, а на Блаже Конески како видливо свое придружување кон широкото високо вреднување на неговата личност и дело.
Останав должен да кажам дека Живко ми е посебно драг пријател како мој читател. Во разговорот со син ми за Бегалка”, ја истакнал како една од едноставно речено, убавите, сцената со дијалог меѓу сиромашни занаетчии, од кој ке цитирам дел за празникот Прочка:
„Да му е алал кој го измисли овој ден. Како за нас. Да се поразвеселиме малце. Ќе се преоблече човек, ќе излезе малце од својата кожа, штавена од оваа наша стега. (…) И ќе си се прости човек со жена, со деца, ќе се измири. (…) Ќе ти дојде некоја леснина и радост во душата… Убав адет. Ама лош живот тркало со запци: мене беше ме закачил аџијата со лихва, ме дереше, а јас удри на жената, а жената на децата. И се така појакиот на послабиот удира“.
Прочка карневалски ден со маскирање, пресоблекување во разни живописни носии, од утро до вечер веселби, со божемна свадба, со песни и игри со забавни призори, импровизирани шеговити сцени и циркуски атракции, и сето тоа нив одвај малце да ги поразвесели”, толку тешко ги притиска стегата на лошиот живот, и само од навистина убавиот обичај, во тоа време уште со сила на морален императив, од проштевањето, измирувањето, ќе им дојде некоја леснина и радост во душата
Изборот и истакнувањето на таа сцена, мене јасно ми укажа на сериозен приод и сигурен критериум на Живко и ја засили мојата мотивираност од се срце да ја прифатам изразената негова, а и моја желба, да го има мојот потпис на делото. Мислам дека за него, страствен заљубеник во цвеќето, авторот на Бегалка” сосем не е како бездушниот чорбаџи Теодос, кој лаком само за пари, на Арсо не сака ни да му го подржи малку букетот, се мурти: А, цвеќе, како селска невеста”! Во Бегалка”, која Поповски во поединости ја знае, мајката ја ословува ќерка си со цвеќе мое убаво”! За најубавото нејзино чувство и вели: „Меракот во тие години е цвет што се расцутува во пролет”. Има цвеќе посеано и во песните: Никнало, никнало цвеќе шарено”. Никне цвеќе насекаде и во други мои дела, каде со него како епитет, споредба, метафора, треба стилски потсилено да се каже и како убаво нешто од реалноста на животот, во мислите и чувствата на луѓето, во односите меѓу нив, нешто во што етичкото и естетското, доброто и убавото се слеваат во амалгам.
Еве уште еден мал букет цитати, парадигмични, примери за тоа: шарките и боите ги учам од цвеќињата. Црно цвеќе! Го измислил некој кому му било црно во душата.() Не е девојка, туку китка цвеќе пролетно. Напред го тргаат синџирот (на развојот) луѓе како Кузман Капидан. Тие се цвеќе и украс на животот. И тие се првите што јавуваат дека иде пролет, убаво, светло и сончево време.
Овде може да се направи една парафраза: пријателството е цвеќе и украс на животот. Уште од првата размисла за ова пријателство, мислам на неговиот однос спрема цвеќето, по аналогија со односот цвет плод, во кој цветот е функционален, активен дел на плодот, како катализатор, тој продуктивно делува во оплодувањето заврзувањето, создавањето. Така делува цвеќето, ликовно пресоздадено, како подарок за пријателство, особено ако тоа им е заедничка љубов на пријателите.

Васил Иљоски за Живко Поповски- Цветин

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.