“Три” ја објави “Модерни измами” на Роберт Атанасов

19

Непроценлив водич за самозаштита од измами

Роберт Атанасов, инспектор во областа на корупција и фалсификати, финансиски криминал и измами, благодарение на долгогодишното професионално искуство во областа, објави нов прирачник за заштита од измами и интернет-криминал. „Модерни измами: прирачник за заштита од измами и интернет- криминал“ е книга која дава увид во најчестите форми на финансиски криминал на нашето поднебје, но и практични совети што треба секој да ги знае и да ги применува за да се заштити себеси и својот посед.

Ова е второ дело на Роберт Атанасов, кој во 2021 годинс го објави „Прирачникот за заштита од измами и компјутерски криминал“, што беше прв ваков труд во нашата земја. Сега, во издание на ТРИ пристигна ново и проширено издание со десетици случаи базирани врз вистински настани преку кои читателите ќе можат да се запознаат со најчестите форми на измами и компјутерски криминал, а содржи и одговори за тоа како да постапат со цел да се заштитат себе и својот имот. Целта на книгата е да едуцира и да ја поткрене општата свест за оваа, за жал, честа појава, како и да им понуди на сите алатка за зголемување на личната безбедност.

Атанасов посведочил најразновидни ситуации во кои луѓето понекогаш останале и без својот имот, своите животни заштеди, или, пак, поради невнимание се стекнале со огромни долгови.

Според авторот „измамникот, односно криминалецот, не бира време, место, возраст, род, вера или нација. Секој граѓанин, независно од неговата позиција во општеството, дејност, професија или моќ, еднакво е во опасност да стане следната жртва на вештиот измамник“. Сакајќи да им помогне на луѓето да не паднат во замките на вештите измамници, авторот нуди голем број совети како да ги препознаеме овие измами навреме, преку внимателно анализирање на modus operandi во секој од случаите.

Посебен акцент авторот става на интернет- измамите, кои како понова форма на криминал, сè уште не се доволно познати за поголемиот дел од популацијата, а поради тоа и често наседнуваат на нив.

Книгата е достапна во сите книжарници на ТРИ. Со „Модерни измами“ заштитете ги своите финансии, а со тоа и својата благосостојба.

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.