Театар Комедија ја стартува новата сезона

Театар Комедија в петок ќе ја дочека публиката со обновена енергија и со подобрени услови за работа.
Со обновена креативна енергија на ансамблот и со подобрени услови за работа, в петок на 27 јануари, Театар Комедија ќе ја крене завесата за претставите што ќе бидат изведени во вториот дел од сезоната 2022/2023 година. Според директорот Дарко Спасов, новата година театарот ја започнува со повеќе технички освежувања кои се од корист за продукцијата на претставите, но и за публиката, со посебен фокус на лицата со попреченост.
– Со инвестиции од Министерството за култура, набавена е нова светлосна миксета, сервисирани се чигите, поставени се нови антипаник-врати. Обновен е и тоалетот за посетителите, вклучително со нов санитарен јазол за лицата со попреченост- вели директорот Спасов.
Репертоарот на Театар Комедија во 2023 година стартува со претставата „Жени во Собрание“, која ќе биде изведена на 27 и 28 jануари, но и на 1 и на 2 февруари. Се работи за комедија работена според истоимениот текст на античкиот комедиограф Аристофан, во режија на Ќендрим Ријани.
– Знаеме дека античките жени немале формална политичка моќ и права, а доколку имало такви – завршувале трагично (Клитемнестра, Медеја, итн.). Еден од малкуте примери каде што имаме впечаток дека добиваме далеку попозитивна верзија на женската моќ е комедијата на Аристофан „Жени во Народно собрание“, – вели драматургот на претставата, Билјана Крајчевска.
Нејзини, но и текстови од актерите-учесници се вклучени во драматизацијата на претставата. Таа ни открива дали доколку владеат жените ќе имаме похумани општества, или и поубавиот пол е склон кон екстреми.
На 4 февруари ќе биде изведена комедијата „Женска гардероба“. Работена е по текстот на чешкиот автор Арношт Голдфлам, а во режија на Наташа Поплавска. Претставата е направена од сопствени средства на Комедија, но и со финансиска помош на амбасадата на Република Чешка во Македонија и од стопански субјект од оваа европска држава.
– „Женска гардероба“ е современа комедија која ни го открива и ни го покажува она што публиката најчесто не може да го види — животот на актерите зад сцена. Станува збор за пиеса која ни ги раскажува приказните на четири актерки на различна возраст, кои сакаат различни нешта, но она што ги спојува и ги врзува се гардеробата и театарот со сета негова магија и страст, – велат од Комедија.
На 10 февруари, пак, ќе биде изведена претставата „Илуминати“, работена според култниот филм на Алфред Хичкок „39 скали“, во режија на Синиша Евтимов. Театар Комедија и оваа претстава ја направи од сопствени средства во изминатава година.
– Жанровски претставата е уникатен спој на трилер, акција и комедија, со елементи на ноар и со филмски јазик. Приказната се одвива околу главниот херој, Кирил Балкан, што го толкува актерот Тино Костадиновски. Тој заедно со плејадата споредни ликови, вешто интерпретирани само од тројцата актери Наталија Теодосиева, Сергеј Димовски и Атанас Атанасовски, нè води низ својата животна приказна со несекојдневни патешествија, – се вели во најавата за овој театарски чин.
И покрај проблемите со коронавирусот, особено во првиот дел од 2022 година, Театар Комедија до крајот на годината го посетија вкупно 20.000 гледачи. Според директорот Дарко Спасов, театарот прави сè за годинава оваа бројка да се зголеми барем двојно.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.