ВО КИНОТЕКА: Буњуел на македонски

Кинотеката на Република Северна Македонија во среда, на 29 март, во 12 ч. во киносалата ќе го промовира своето најново печатено издание, автобиографијата на големиот шпански режисер Луис Буњуел, насловена „Мојот последен здив“, со што ова значајно дело конечно ќе стане достапно на македонски јазик.
Издавањето на книгата е овозможено благодарение на Шпанската агенција за меѓународна соработка и развој (AECID) и Амбасадата на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија.Се работи за книга на еден од најзначајните режисери во историјата на филмската уметност, напишана пред самиот крај на неговиот живот, во Мексико, со помош на францускиот писател и сценарист Жан-Клод Кариер, негов постојан соработник, косценарист на сите филмови од последната, „француска“ етапа во кариерата. Автобиографијата, која е поделена на дваесетина хронолошки подредени поглавја одделени со наслови, првпат е објавена на француски јазик, во Париз, во 1982 г., нецела година пред смртта на Буњуел. Она што е специфика на оваа автобиографија е тоа што во неа Буњуел многу често употребува множина, како да зборува во името на целата своја генерација, онаа генерација што студирала на универзитетот во Мадрид во 1927 г., или генерацијата на надреалистите во Париз, неколку години подоцна или генерацијата на републиканците во времето на Граѓанската војна. Се разбира, тоа не е случајно затоа што оваа книга, иако е лична исповед на еден исклучителен човек, на еден голем уметник, истовремено претставува и многу интересно документаристичко и историско сведоштво за цела една епоха, која се протега речиси преку целиот XX век. Во неа постојано се испреплетуваат исечоците од животот и сеќавањата на драматичните историски настани, со сеќавањата поврзани со творештвото, со филмовите- со еден збор, во неа, разбирливо, постојано се испреплетуваат животот и филмот, пишува д-р Атанас Чупоски во предговорот на изданието.
Книгата ќе ја промовираат историчарот на уметност и заменик-амбасадор во Шпанската амбасада во Скопје- Ернесто Eредеро дел Кампо, проф. д-р Иван Џепароски од Филозофскиот факултет при УКИМ и доц. д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката и професор на Факултетот за филмски уметности при Универзитетот Еуропа Прима, кој воедно е автор на предговорот.
Уредник на изданието е директорот на Кинотеката, Владимир Љ. Ангелов, преводот од англиски јазик е на Марија Цветковска, лектурата на д-р Сузана В. Спасовска, а дизајнот на м-р Игор Сековски.
Инаку, ова е само едно во низата изданија што Кинотеката ги објави последниве месеци, меѓу кои се веќе промовираната филмолошко-наратолошката студија на Атанас Чупоски – „Иницијација и Покајание. Доминантни топоси во наративниот дискурс на современиот руски филм“ и филмолошката студија на реномираната бугарско-британска историчарка на филмот Дина Јорданова – „Кинематографијата на другата Европа. Дејноста и уметноста на источноевропскиот и средноевропскиот филм“, која наскоро ќе биде промовирана заедно со стручното списание за филм што Кинотеката редовно го објавува– „Кинопис“.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.