7.07.2022
МиФестивалот на европски филм Cinеdays започнува вечерва со светска премиера на филмот „ Мими“, по сценарио и во режија на Даријан Пејовски . Проекцијата е во 21 часот на Зелениот покрив на ГТЦ. Пред проекцијата, во Младинскиот културен центар во 19. 30 часот ќе биде отворена изложбата „Филмскиот плакат како визуелна гозба и информативна нарација“. Куратор е Влатко Галевски.
Колекцијата на плакати која фестивалот ја става на увид е на свој начин приказна за раѓањето на CINEDAYS во МКЦ. Факт е дека во 70-тите и 80-тите овде се промовира филмската уметност со сериозна фреквентност, а плакатот е комплексен печатен тизер кој ги содржи повеќето битни визуелни, па и наративни компоненти на филмската приказна. Со оваа изложба се потврдува блискоисториската вредност на некогашниот филмски репертоар на МКЦ, вели Галевски.
По изложбата следува официјалното отворање на Cinedays, со светска премиера на филмот „Мими“.
Мими ги напушта своите родители, и болното минато од родното место, за да студира во Скопје. Ја запознава Сара – млада мајка со богат, но насилен сопруг. Работејќи во киоскот на вујко ѝ, и како бебиситерка за Сара, Мими копнее по единственото што не може да го има – мајчинството, се вели во најавата за филмот испратена од МКЦ.
Насловната улога ја толкува Наталија Теодосиевска, а во филмот настапуваат и Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други.Кинематографер е Дејан Димески, сценографијата е на Игор Тошевски, Емилија И.Атанасовска беше задолжена на костимографијата, Ива Куробаса за шминката и фризурата, Александар Пејовски е автор на оригиналната музика, монтажата е на Владимир Павловски, а дизајнот на звукот на Игор Поповски. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ. Филмот е копродукција на Скопје Филм Студио со Maxima film од Хрватска и Giggling goat production од Црна Гора, и истиот е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, ХАВЦ – Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора“. По премиерата во Скопје, филмот „ Мими“ ќе биде прикажан на годинешното, 69 издание на филмскиот фестивал во Пула- Хрватска.
Ова, 21 издание на Cinedays оди под мотото „ Од високо поубаво се гледа“, со проекции на повеќе локации низ Скопје. Изборот на над 50 филмови во неколку програмски целини го направи Бернд Буден, а во Гала програмата доминираат остварувањата од годинашново издание на Канскиот филмски фестивал.Програмата завршува на 14 јули. На затворањето на фестивалот ќе биде прикажан хорор филмот “ Нема да си сама“, во режија на Горан Столевски . Тој беше прикажан на „ Санденс“, каде привлече голем интерес. А, по македонската премиера, филмот на Столевски ќе биде прикажан во повеќе европски градови.