Стрипманија на „Џифони Македонија“: Билота и Џерази два часа им одговараа на љубопитните џифонци

Џифонци добија изненадување од Серџо Џерази. Еден од најактивните средношколци доби можност да му даде насоки за замислен стрип лик, а Џерази го црташе во истиот момент. Италијанскиот уметник ги подари двете дела на публиката.

7 октомври, Скопје: Мастеркласот на ѕвездите на италијанскиот стрип Алесандро Билота и Серџо Џерази и Андреа Силвестри, амбасадор на Италија во Македонија вчера привлече огромно внимание кај учесниците на „Џифони Македонија“. Два часа траеше средбата со големите имиња на италијанскиот стрип, автори, меѓу другото, и на култниот „Дилан Дог“ во Денот посветен на италијанскиот стрип во Младинскиот културен центар. Љубопитните млади покажаа голем интерес за оваа уметност, поставувајќи прашања кои и за гостите на моменти беа по малку тешки за одговарање.
Дали може да се живее од оваа професија, кој најмногу ве поддржа, дали се инспирирате за вашите ликови од реални ликови во животот – ова беа само дел од прашањата на сениорите и кадетите, учесници на 10. „Џифони Македонија“.
Средбата беше интересна можност за синтеза и споделување искуства и на македонските стрип уметници со италијанските. Во вториот дел на мастеркласот на Билота, Џерази и Силвестри им се придружија и македонските стрип автори Давор Драмиќанин и Здравко Гиров.
Во рамките на Денот на италијанскиот стрип, амбасадорот Силвестри им ги врачи наградите на најдобрите млади уметници што твореа на конкурсот за идејно решение за постер за посветен на настанот. Признанија и награди добија: Дамјан Шокев (прво место), Иван Коминовски (второ место) и Трена Џепароска (трето место). Почесни заслуги за своите творби добија: Лазар Аврамовски, Ивона Младеновска, а во категоријата млади дизајнери беа наградени – Славица Купенкова и Тиа Василеска. Беа наградени и средношколците Тамара Николовска и Неда Коцевска. Претседателот на жирито Ладислав Цветковски истакна дека немале лесна задача и дека на конкурсот пристигнале одлични дела.
Џифонци добија изненадување од Серџо Џерази. Еден од најактивните средношколци доби можност да му даде насоки за замислен стрип лик, а Џерази го црташе во истиот момент. Италијанскиот уметник ги подари двете дела на публиката.
На прашањето дали имале поддршка од семејствата, Билота одговори:
-Од моите родители немав беспрекорна поддршка, но затоа, нема никогаш да ја заборавам поддршката од мојот прв уредник. Без него немаше да го работам ова. Тешко е да најдете некој што ќе ве поддржи. Кога работам некогаш имам реални ликови што ги замислувам, ама не сакам да се врзувам многу со нив. Уметникот мора да направи дистанца и од своите ставови, стравови и слично, зашто многу лесно може да му ги пренесе на ликот – вели Билота и ги советуваше младите што сакаат да се занимаваат со оваа уметност – да ги градат сами своите приказни и дека инспирацијата е насекаде околу нив.
За уметникот најважно е да има слобода во креирањето, а создавањето стрип е тимска работа и влијанието на авторот на приказната и на цртачот е големо меѓу себе.
Тие се осврнаа на тоа како се родиле нивните најголеми стрипови. Амбасадорот Андреа Силвестри се осврна на историјата на италијанскиот стрип и истакна дека светот понекогаш е во заблуда кога мисли дека култните стрипови се од Англија или од САД, а всушност се италијански – Загор, Алан Форд, Дилан Дог…
Македонскиот стрип уметник Давор Драмиќанин истакна дека денес со поврзаноста на светот е многу полесно да се следи што се случува на овој план насекаде и младиот автор може лесно да избере каде ќе се насочи.
Здравко Гиров го посочи фактот дека македонската стрип сцена низ децениите била под влијание на италијанската, токму од времето на заедничката југословенска стрип сцена. Тој упати благодарност до италијанските стрип мајстори за нивното културно наследство и влијание врз целиот свет.
Иницијативата за одбележување на Денот на италијанскиот стрип е дел од 22. издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот што ќе се одржи од 17 до 27 октомври, а оваа година ќе биде посветена на италијанскиот јазик што го зборуваат младите.
Вториот ден на „Џифони Македонија“ ќе биде посветен на претставување на жиријата од седумте држави, како и интернационална вечер која е еден од омилените настани на џифонци, кога сите учесници си ја претставуваат својата култура преку музика и храна.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.