Почнувајќи од 12 јануари (четврток), со по три филмски проекции дневно во попладневните и вечерните часови, Кинотеката и оваа година останува верна на традиционалното КИНО УТРО.
Годинава во Кинотеката доаѓаат најпознатите негативци од филмското платно Џек Скилингтон и Гру засилени со помалку познатите, но полни со потенцијал – крокодилот Лил, вечно младиот Кашеј, малиот Финик и Макс и неговата бесна дружина. На овие ликови Тони Монтана, Норман Бејтс, Мајкл Маерс и Дарт Ведер можат вода да им носат.
На програмата се шест наслови наменети и за мали и големи деца, а и за сите оние што се чувствуваат млади во срцето, без разлика на возраста. Дојдете и погледнете ја на големо платно филмската лектира КОШМАР ПРЕД БОЖИЌ, но и неколку филмови што претендираат да станат тоа. Има за секого има по нешто.
Во рамки на КИНО УТРО 2023 ќе ги гледате:
ЛИЛ, ЛИЛ, КРОКОДИЛ
(Lyle, Lyle, Crocodile)
Игран филм
2022 г., 106 мин., колор, ДЦП
Режија: Џош Гордон, Вил Спек (Josh Gordon, Will Speck)
Сценарио: Вил Дејвис, според романите на Бернард Вабер (Will Davies, Bernard Waber)
Улоги: Хавиер Бардем, Винслоу Фегли, Констанс Ву, Шон Мендез (Javier Bardem, Winslow Fegley, Constance Wu, Shawn Mendes)
Крокодилот Лил живее во куќа во Њујорк, во близина на Централ парк, удобно сместен на таванот кај семејството Прим. Помага во извршувањето на секојдневните обврски и си игра со децата од соседството, многу е забавен, мил и добронамерен, а и одлично пее. Меѓутоа, еден од соседите упорно тврди дека местото на Лил не е во куќа каде што живеат луѓе, туку – во зоолошка градина. Господин Грампс и неговата мачка Лорета не сакаат крокодили, а Лил се обидува да докаже дека не е толку лош и опасен колку што на прв поглед изгледа, односно како што другите, кои не го познаваат, очекуваат од него.
Гласот на анимираниот крокодил Лик во играниот филм го позајмува младата канадска музичка ѕвезда Шон Мендес кој ги изведува и сите нумери во филмот.
Возрасна категорија: 7 години
Влезница: 150 денари
КОШМАР ПРЕД БОЖИЌ
(The Nightmare Before Christmas)
Анимиран филм
1993 г., 76 мин., колор, ДЦП
Режија: Хенри Селик (Henry Selick)
Сценарио: Тим Бартон, Мајл Мекдауел, Каролин Томпсон (Tim Burton, Michael McDowell, Caroline Thompson)
Улоги: Дани Елфман, Крис Сарандон, Кетрин О’Хара (Danny Elfman, Chris Sarandon, Catherine O’Hara)
Во Градот на Ноќта на вештерките живеат сите измислени страшила од приказните — врколаци, вампири, вештерки, зомбиња и други. На страшилото со глава на тиква, Џек Скелингтон, му е дојдено преку глава од постојаните прослави на Ноќта на вештерките, која секоја година, на ист начин, ја организира градоначалникот. Сакајќи нешто да промени, тој добива необична идеја, откако случајно ќе појде во Градот на Божиќ (Christmas Town), каде ќе ги види Дедо Мраз, подароците, песните и сè што таму се случува. Затоа, непосредно пред Божиќ, тој го грабнува Дедо Мраз и ја презема неговата улога. Единствено девојката Сали, која е вљубена во Џек, се обидува да го разубеди, бидејќи претчувствува дека ќе се случат лоши работи.
Креативното и идејно чедо на Тим Бартон – КОШМАР ПРЕД БОЖИЌ – покрај тоа што беше блокбастер во времето кога се појави, стана и култен филм за цела генерација филмофили. Бартон ги обмислил ликовите и приказната уште кога работел како аниматор за Дизни, но компанијата не сакала да реализира таков проект. Пред сè заради контроверзниот пристап на Бартон во третманот на темата (хорор комедија за Божиќ), заради принципите на студиото Дизни чии анимирани филмови дотогаш се реализирале со класична анимација, а не со стоп-анимација (како што бил замислен проектот), а и отсуството на очи кај главниот лик, што се сметало за хендикеп во смисол на губење на едно од битните изразни средства на главниот анимиран лик.
Кога на почетокот на 1990-ите раководството на Дизни одлучува да ризикува и да финансира филмски проект од овој вид, Бартон веќе не им бил на располагање бидејќи работел на други проекти (ВРАЌАЊЕТО НА БЕТМЕН), па за режисер бил ангажиран Хенри Селик. Но бидејќи целиот концепт, приказната, ликовите, процесот на анимација го носат печатот на Бартон, неговото име се појавува на најавната шпица и целосниот наслов на филмот е “Tim Burton’s Nightmare Before Christmas”.
Возрасна категорија: 10 години
Влезница: 100 денари
КАШЕЈ: КРАДЕЦ НА НЕВЕСТИ
(Koshchey. Pokhititel nevest)
Анимиран филм
2022 г., 106 мин., колор, ДЦП
Режија: Роман Артемјев (Roman Artemyev)
Сценарио: Роман Артемјев, Генрик Неболсин (Roman Artemyev, Genrikh Nebolsin)
Улоги: Виктор Добронравов, Екатерина Тарасова, Антон Елдаров, Роман Артемјев, Елизавета Бојарскаја, (Viktor Dobronravov, Ekaterina Tarasova, Anton Eldarov, Roman Artemyev, Elizaveta Boyarskaya,)
Од којзнае каква причина Кашеј, вечно младиот и секогаш добро облечен Принц на темнината, веќе триста години не може да си најде невеста. Заплашувал и киднапирал принцези, па потоа и во жаби ги претворал, но никоја не се вљубила во него, не го засакала, и тој е сам и очаен. На другиот крај на светот, убавата принцеза Варвара има сличен проблем – ниту еден додворувач не е доволно добар за неа. Со сите оние кои доаѓаат да ја запросат таа излегува на мегдан и секогаш ги победува и надмудрува. Затоа и таа е сама, немажена, невљубена. Еден ден Кошеј се одлучува да ја киднапира Варвара, бидејќи слушнал за нејзината убавина, но не е свесен дека дома ќе внесе некој што е подеднакво тврдоглав, арогантен, самобендисан, интелигентен и силен како него. Дали тие двајцата се идеална двојка или се совршени непријатели?
Филмот е сихронизиран на македонски јазик.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
АВАНТУРИТЕ НА ФИНИК
(Finnick)
Анимиран филм
2022 г., 85 мин., колор, ДЦП
Режија: Денис Чернов (Denis Chernov)
Сценарио: Татјана Белова, Денис Чернов, Александр Ким (Tatiana Belova, Denis Chernov, Aleksandr Kim)
Улоги: Михаил Крустаљов, Вероника Голубева, Влад Левскиј, Ида Галич (Mikhail Khrustalyov, Veronika Golubeva, Vlad Levskiy, Ida Galich)
Многу луѓе не знаат дека во секоја куќа живеат фини – крзнени суштества кои живеат меѓу луѓето и се грижат за одржувањето на домот, на огништето. Тие се постојано присутни, но се невидливи за човечко око. Еден од нив е и младиот Финик, кој се чини дека многу не е заинтересиран за домот, се шегува со „домашните“ и заради тоа ниту едно семејство не се задржува подолго време во куќата каде што тој „оперира“. Неговиот живот ќе се промени откако во куќата ќе се всели ново семејство, а 13-годишната Кристина, која всушност може да го види Финик, ќе ги разоткрие сите негови трикови и штосови. Заврши тивкиот и анонимен живот за Финик, нема повеќе легачење. Сега, кога Кристина го следи секое негово движење, тој ќе мора да се однесува како вистинки фин, да средува, чисти и помага. Истовремено, во градот почнуваат да се случуваат чудни работи. Финик и Кристина, толку различни, а толку истоумни, ќе се здружат за да ја решат мистеријата и да го спасат градот од непознатиот непријател.
Филмот е синхронизиран на македонски јазик.
Возрасна категорија: сите возрасти
Влезница: 100 денари
МИЊОНИ: ПОДЕМОТ НА ГРУ
(Minions: The Rise of Gru)
Анимиран филм
2022 г., 90 мин., колор, ДЦП
Режија: Кајл Балда, Бред Ејблсон, Џонатан дел Вал (Kyle Balda, Brad Ableson, Jonathan del Val)
Сценарио: Метју Фогел, Брајан Линч (Matthew Fogel, Brian Lynch)
Улоги: Стив Карел, Пјер Кофин, Алан Аркин, Тараџи П. Хенсон, Мишел Јео (Steve Carell, Pierre Coffin, Alan Arkin, Taraji P. Henson, Michelle Yeoh)
Во средината на 1970-ите, во времето на афро-фризурите и ѕвонестите фармерки, Гру е младо момче кое живее во предградието. Голем обожавател на супергрупата на супер-негативци, позната како „Шесторица лоши“ (Viscous 6), Гру планира да стане многу злобен за да го примат за член во озлогласената група. За реализацијата на своите идеи тој добива безрезервна поддршка од неговите лојални и хаотични следбеници – мињоните. Заедно, Кевин, Стјуарт, Боб и Ото – новиот мињон со забна протеза и постојана потреба на сите да им удоволува – ги вложуваат сите свои напори во функционирањето на новата база во која Гру експериментира со нови оружја и смислува злобнички идеи и планови. Кога Шесторицата лоши ќе го соборат својот дотогашен лидер и ќе го исфрлат од групата, Гру ќе појде кај нив на интервју за „работа“, но тие го исмеваат и отфрлаат. Тогаш Гру ќе ги надмудри, ќе украде од нив и со тоа ќе ги претвори во свои смртни непријатели.
МИЊОНИ: ПОДЕМОТ НА ГРУ е приквел и сиквел истовремено – приквел на ПОДЛИОТ ЈАС (2010, Despicable Me), првиот филм за Гру, злосторникот со нежно срце, и сиквел на МИЊОНИ (2015, Minions), првиот филм за малите жолти палавковци кои бараат господар, доволно злобен за да му служат, ама се уште не го сретнале „вистинскиот“, односно Гру.
Филмот е синхронизиран на македонски јазик.
Возрасна категорија: 7 години
Влезница: 150 денари
МАКС И БЕСНАТА ДРУЖИНА
(Max und die wilde 7)
Игран филм
2020 г., 87 мин., колор, ДЦП
Режија: Винфрид Елснер (Winfried Oelsner)
Сценарио: Лиса Мари Дикрајтер, Винфрид Елснер (Lisa-Marie Dickreiter, Winfried Oelsner)
Улоги: Јона Ајзенблатер, Уши Глас, Гинтер Мариа Халмер, Томас Тиме, Стела Брикнер, Алвара Хефелс (Jona Eisenblätter, Uschi Glas, Günter Maria Halmer, Thomas Thieme, Stella Brückner, Alwara Höfels)
Можете ли да си замислите дека живеете во замок, како Геролдсек? Иако замокот е дом за стари лица, а вие сте 9-годишно момче? На Макс тоа баш и не му се допаѓа, но мора тука да живее бидејќи неговата мајка е медицинска сестра и работи во ноќната смена. Тој е единственото дете меѓу овие збрчакни и неретко намќорести луѓе, па на прв поглед неговиот живот тука се чини сосем „не кул“.
Но, откако ќе влета во возбудлива криминална истрага во обид да го открие мистериозниот крадец кој на сред бел ден краде скапоцености од собите во дворецот, Макс ќе се спријатели со неколкумина од постарите жители на домот – со актерката Вера, фудбалскиот тренер Хорст и истражувачот Килијан, заедно попознати како Бесната дружина. Без нивна помош Макс нема да може да го открие вистинскиот крадец и да го изведе пред лицето на правдата.
Возрасна категорија: 8 години
Влезница: 100 денари
Териминте за проекции на филмовите од КИНОУТРО 2023 се следниве:
12 ЈАНУАРИ (ЧЕТВРТОК)
13:00 ч.: ЛИЛ, ЛИЛ, КРОКОДИЛ (Lyle, Lyle, Crocodile)
19:00 ч.: КОШМАР ПРЕД БОЖИЌ (The Nightmare Before Christmas)
13 ЈАНУАРИ (ПЕТОК)
13:00 ч.: ЛИЛ, ЛИЛ, КРОКОДИЛ (Lyle, Lyle, Crocodile)
15:00 ч.: КАШЕЈ: КРАДЕЦ НА НЕВЕСТИ (Koshchey. Pokhititel nevest)
19:00 ч.: КОШМАР ПРЕД БОЖИЌ (The Nightmare Before Christmas)
14 ЈАНУАРИ (САБОТА)
13:00 ч.: МИЊОНИ: ПОДЕМОТ НА ГРУ (Minions: The Rise of Gru)
15:00 ч.: АВАНТУРИТЕ НА ФИНИК (Finnick)
18:00 ч.: ЛИЛ, ЛИЛ, КРОКОДИЛ (Lyle, Lyle, Crocodile)
16 ЈАНУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК)
13:00 ч.: МИЊОНИ: ПОДЕМОТ НА ГРУ (Minions: The Rise of Gru)
15:00 ч.: АВАНТУРИТЕ НА ФИНИК (Finnick)
18:00 ч.: ЛИЛ, ЛИЛ, КРОКОДИЛ (Lyle, Lyle, Crocodile)
17 ЈАНУАРИ (ВТОРНИК)
13:00 ч.: ЛИЛ, ЛИЛ, КРОКОДИЛ (Lyle, Lyle, Crocodile)
15:00 ч.: КАШЕЈ: КРАДЕЦ НА НЕВЕСТИ (Koshchey. Pokhititel nevest)
18:00 ч.: ЛИЛ, ЛИЛ, КРОКОДИЛ (Lyle, Lyle, Crocodile)
18 ЈАНУАРИ (СРЕДА)
13:00 ч.: ЛИЛ, ЛИЛ, КРОКОДИЛ (Lyle, Lyle, Crocodile)
15:00 ч.: МИЊОНИ: ПОДЕМОТ НА ГРУ (Minions: The Rise of Gru)
18:00 ч.: ЛИЛ, ЛИЛ, КРОКОДИЛ (Lyle, Lyle, Crocodile)
20 ЈАНУАРИ (ПЕТОК)
13:00 ч.: ЛИЛ, ЛИЛ, КРОКОДИЛ (Lyle, Lyle, Crocodile)
15:00 ч.: МАКС И БЕСНАТА ДРУЖИНА (Max und die wilde 7)
18:00 ч.: МИЊОНИ: ПОДЕМОТ НА ГРУ (Minions: The Rise of Gru)
21 ЈАНУАРИ (САБОТА)
13:00 ч.: МИЊОНИ: ПОДЕМОТ НА ГРУ (Minions: The Rise of Gru)
15:00 ч.: МАКС И БЕСНАТА ДРУЖИНА (Max und die wilde 7)
18:00 ч.: ЛИЛ, ЛИЛ, КРОКОДИЛ (Lyle, Lyle, Crocodile)