Почна јубилејното 15-то издание на „МакеДокс“

16.08.2024

Со традиционалниот поздрав, високо кренати главици кромид во рацете на целата екипа и сите волонтери што работат на фестивалот, синоќа во Куршумли ан беше отворено јубилејното 15-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Со мото „Копање емоции низ времето“, фестивалот се одржува од 15 до 22 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и новиот простор „Лабораториум“ во Скопје.
– Годинава „МакеДокс“ го посветуваме на архивските материјали и нивната употреба во документаристиката. Бројните архивски филмски наслови годинава се доказ дека имаме од што да учиме, ако сакаме. И дека само ако го чуваме сето она што е запишано и меморирано, ќе можеме одново да ги читаме, да ги толкуваме и да ги користиме новите приказни- рече Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.
Објектот Куршумли ан, фестивалско гнездо на „МакеДокс“ во Старата скопска чаршија, беше исполнет до последното столче. Присутната публика со искрен и долготраен аплауз ги поздрави екипата и волонтерите на „МакеДокс“.
– Фестивалот „МакеДокс“ слави 15 години, благодарение на многубројните пријатели, на кои сме им особено благодарни што успејаа да ја разберат и поддржат нашата идеја сите овие години. „МакеДокс“ е тука за вас и поради вас, драга наша публико, на која сме неизмерно благодарни што сте тука со нас – рече Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“.
Филмската програма на 15. „МакеДокс“ почна со филмовите „Како се мери годината?“ (САД, 2022, 29 мин.) на Џеј Розенблат и „Целулоидно подземје“ (Обединето Кралство / Иран, 2023, 80 мин.) на иранскиот автор Ехсан Кошбахт. По филмските проекции, во рамки на музичкиот сегмент „Ноќни приказни“, се одржа концерт на Зарина Првасевда, вокален изведувач и музичар со единствена и алтернативна форма на презентација на македонската, балканската и светската традиционална музика. Вечерта заврши со диџеј-сет на Ишјан твин доцна во ноќта.
Во рамки на отворањето на фестивалот, во Куршумли ан поставена е „AeternaNova“ – изложба на фотографии на Здружението за истражување, заштита и промоција на културното наследство ВУЛГУС (@vulgus_mk). „AeternaNova“ (кованица од латинските термини „вечна“ и „нова“) презентира нов начин на промовирање и претставување на облековната култура од крајот на 19-иот и почетокот на 20-иот век, конципирајќи ја како мода, наместо како традиција. Проектен тим на изложбата се Филип Петковски, куратор и режисер, Марко Марјановиќ, фотограф, и Ивана Мојсовска Головска, постпродукција на фотографија. Во изложбата се користени народни носии од колекциите на Костадин Балкански, Дамјан Ристовски, Ансамбл „Студио Фолклор“ и Фолклорно студио „Етнос“. Изложбата ќе биде поставена до 22 август во Куршумли ан.
На втората вечер, на 16 август, „МакеДокс“ ќе ја рашири својата филмска мрежа уште на два објекти – во Сули ан и на платото пред Музејот на Македонија. Во централниот фестивалски објект – Куршумли ан ќе биде отворена програмата со тематскиот фокус, кој годинава е ставен на кинотечните архиви од повеќе држави. Програмата ќе биде отворена во 21 часот, во Куршумли ан со проекција на филмови од архивата на македонската Кинотека.
Викенд- програмата на 15. „МакеДокс“, на 17 август, во 11 часот претпладне, ќе биде отворена со анимирани филмови за најмладите во МКЦ. Ветрилото на чешките анимирани класици ќе го размрда застојаниот скопски летен воздух и ќе нѐ одведе на патување назад кон иднината. Билетот е, велат, во една насока, оти кој не би сакал вечно да остане дете? Затоа со задоволство ќе се навратиме на едни подалечни времиња кога јадевме мајмун-попара, учевме странски јазици од телевизија и трчавме од кујната со брзина на светлината штом ќе ја чуевме најавната шпица на омилениот цртан филм. Мајмун-попара, можеби, повеќе не е во мода, но одење во кино е, и тоа како! А на овогодишниот репертоар се епизоди од златните серии на „Пат и Мат“, „Кртко“, „Максипесот Фик“ и „Боб и Бобeк“.
Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.
Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.
Петнаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РСМ, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура на РСМ, Институтот „Јунус Емре“- Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Франција, Францускиот институт, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен центар во Софија, Словенечката амбасада, Грчкиот филмски центар, Гете институт, „Вардар филм“, Младинскиот културен центар, Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј, Факултетот за ликовни уметности, такси „Глобал“, „Лабораториум“.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.