Мартовската програма во Кинотеката ја започнуваме со холивудскиот хит КУЌАТА ГУЧИ (House of Gucci, 2021) на Ридли Скот (Ridley Scott), со Лејди Гага, Адам Драјвер, Џереми Ајронс, Џаред Лето, Ал Пачино и Селма Хајек во ѕвездениот кастинг, филм инспириран од вистинската приказна за семејното царство на италијанската модна куќа „Гучи“.
Како што најавивме минатиот месец, во март му оддаваме почит на маестро Александар Џамбазов, со македонскиот игран филм МЕМЕНТО (1967) во режија на Димитрие Османли. Овој наш познат и значаен диригент и композитор е автор на „Рапсодија за Скопје“ – композиција за пијано и оркестар (1966) која е главна музичка тема во филмот.
На програмата е и новиот филм на Пол Ферхуфен (Paul Verhoeven), некогашниот култен автор на акционите научно-фантастични филмови РОБОКАП (RoboCop, 1987) и ТОТАЛНО ОТПОВИКУВАЊЕ (Total Recall, 1990), како и еротските трилери ОСНОВЕН ИНСТИКТ (Basic Instinct, 1992) и ШОУ ДЕВОЈКИ (Showgirls, 1995). По враќањето во Европа Ферхуфен (порано го пишувавме и Верховен) направи неколку авторски поинакви филмови, а БЕНЕДЕТА (Benedeta, 2021) е најновиот во неговата филмографија, во кој провоцира со неговото видување на геј-сексуалноста и митологијата.
Од 9 до 10 март Кинотеката веќе традиционално е домаќин на Вечерите на женски права, а на 13 март ќе биде одбележана 79-годишнина од злокобната депортација на македонските Евреи во логорот Треблинка со проекција на италијанскиот филм ЅВЕЗДЕНО НЕБО НАД РИМСКОТО ГЕТО (Un cielo stellato sopra il ghetto di Roma / A Starry Sky Above the Roman Ghetto, 2020) на Џулио Базе (Giulio Base).
Кон средината на март на кинотечната програма ја враќаме рубриката Уредник со причина, во која овој пат филмови бира Илина Арсова. Таа е и академска сликарка со мултитаскинг темперамент која ја користи уметноста за да ги претстави загадувачките навики и човековите интервенции врз природата. Преку својот визуелен креативен израз се обидува да ја подигне еколошката свест кај своите сограѓани. Последнава деценија и пол Арсова е една од нашите најдобри алпинистки, засега единствена која ги има искачено највисоките планински врвови на 7 континенти, меѓу кои и Мон Блан и Монт Еверест.
Договарајќи го нејзиниот избор на филмови, Арсова го потенцираше македонскиот игран филм ДЕЛФИНА (1977) на Александар Ѓурчинов како наслов со кој се поистоветува секогаш кога ѝ е тешко и кога патот до целта е долг. „Заради ПЛАЖАТА (The Beach, 2000) на Дени Бојл (Danny Boyle) ги открив далечните дестинации и патував речиси низ целиот свет, а со МОИ ПЕСНИ МОИ СНИШТА (The Sound of Music, 1965) на Роберт Вајс (Robert Wise) пораснав и уште тогаш се вљубив во алпскиот планински пејзаж “, вели Арсова.
Како вовед во нејзиниот уреднички избор ќе бидат прикажани и и неколку кратки документарни филмови од серијалот THIS IS HERSTORY (2019), во режија на Игор Христов, чиј продуцент е самата Арсова. Овие неколку приказни за жени алпинистки и спортистки, вљубени во движењето, планините и природата, учествувал на 20-тина меѓународни фестивали и има добиено 4 награди.
Со неколкуте наслови од поновата европска филмска продукција, во која има филмови и за помладите, потоа насловите од Неделата на франкофонски филмови и редовната проекција на филм по избор на Гете-Институтот во Скопје.