МакеКоПроДокс форум на 13. „МакеДокс“

Работилницата за пичинг со Бриџит О’Шеа, што се одржа пред официјалното
отворање на 13. „МакеДокс“, е вовед кон централниот настан во индустрискиот
сегмент на фестивалот – четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот, што ќе се одржи од 22 до 24 август.
Главна цел на МакеКоПроДокс форумот е развој на стратешки план за
зголемување на копродукциите на документарните филмови меѓу балканските земји. Форумот вклучува претставници од 12 регионални филмски агенции, документарни здруженија, документарни професионалци и 11 проекти во различни фази на продукција избрани преку отворен повик.
– Особено ми е драго што после две онлајн-изданија на МакеКоПроДокс форумот во пандемиски услови, годинава ќе го имаме четвртото издание со најголем број од учесниците присутни во живо во Скопје, а помал дел од нив онлајн. Годинава за делот – Балканска филмска мрежа, кој го модерира Хеле Хансен, во Скопје ќе бидат присутни претставници од Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Косовскиот центар за кинематографија, Албанскиот центар
за кинематографија, Бугарскиот национален филмски центар, додека српскиот, црногорскиот и грчкиот центар ќе ни се приклучат онлајн. На 22 август, првиот ден од форумот, тие ќе ги презентираат шемите на финансирање пред учесниците и филмските професионалци. Потоа ќе имаме презентација на Ивана Мирчевска од
МЕДИА деск МК. Денот ќе заврши со презентација на шесте проекти кои беа дел од работилницата за развој со Туе Стен Милер – објаснува Сара Ферро,
координаторка на МакеКоПроДокс форумот.
За вториот дел од форумот, односно пичинзите на проектите, годинава има
разновидна селекција од 11 проекти кои се продуцирани или се снимаат на
Балканот (Албанија, Косово, Грција, Србија, Хрватска, Словенија, Македонија,
Турција…).Авторите и продуцентите ќе ги претстават своите проекти на 23 август
и ќе имаат „еден-на-еден“ состаноци со одлучувачите.
– Тешко е човек да не се вљуби во „МакеДокс“. Во неговата локација, филмовите и луѓето. По деветгодишното искуство како филмски застапник за документарни филмови во Данска и Норвешка, логично беше да го споделиме нашето знаење и среќна сум што ќе научам за начинот на кој функционира Балканот. Исто така, ја модерирам и мрежата составена од клучни фигури во балканските филмски агенции и центри, па привилегија е да се биде заедно со група која сака да разменува, иновира и работи во полза на создавање најдобри услови за филмаџиите и филмовите во иднина – истакнува модераторката Хеле Хансен.
МакеКоПроДокс форумот е реализиран во соработка со Агенцијата за филм на
РСМ, МЕДИА деск МК, Грчки филмски центар, Град Скопје, „Вардар филм“ и МКЦ.
Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 18 до 25 август во Скопје. Фестивалската програма на 13. „МакеДокс“ ќе се прикажува на четири локации, и тоа во Куршумли-ан, плато пред Куршумли-ан, МКЦ и „Europe House Скопје“.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.