Пролетта 1996 година, во скопската киносала „Центар“ премиерно беше прикажан филмот “Самоуништување” во режија на Ербил Алтанај, по сценарио на Сашко Насев, со Јовица Михајловски во главната улога. 25 Години подоцна се обидуваме да ја „измериме“ неговата важност во македонската кинематографија и културната јавност.
* * *
САМОУНИШТУВАЊЕ
Игран филм, Македонија
1996, 97 мин., колор, 35 мм
Режија: Ербил Алтанај
Сценарио: Сашко Насев
Улоги: Јовица Михајловски, Катерина Коцевска, Оливер Митковски, Јелена Мијатовиќ-Галевскa, Силвана Ерац, Бајруш Мјаку, Благоја Чоревски, Тони Михајловски, Валентина Божиновска
Директор на фотографија: Синан Ѓунѓур
Монтажа: Демир Кесман, Мевљит Кочак
Музика и изведба: Влатко Стефановски
Костимографија: Невенка Тасева-Петровиќ
Сценографија: Роберт Пашовски
Продуцент: Нова продукција – Скопје
САМOУНИШТУВАЊЕ е урбана трагикомедија чија тема е распаѓањето на семејството, кризата на поединецот врзана со духот на времето во кое се случува дејството, семејна морална драма која може да се смести и во кое било време и место.
Куплунг (Јован) е таксист, човек без морални предрасуди, силеџија и љубовџија, човек што ги почитува само своите страсти. Сценариото суптилно назначува дека порано бил егзекутивец во валканите операции на комунистичката тајна служба, што само ја зголемува неговата фрустрација заради неостварениот, а посакуван општествен статус. Тој кон сопругата Стојна, работничка во фабрика, се однесува како кон сопственост, па таа ропски послушна ги исполнува неговите барања и го поднесува неговото грубо и простачко однесување.
И Цоле, неговиот син студент, е малтретиран од него. Единствена слабост Куплунг покажува кон неговата љубовница Шила, кафеанска пеачка, која сепак се мажи за полицискиот инспектор Славчо (Цацко), брат на Стојна. Само тогаш Куплунг е исфрлен од шемата по која живее и веднаш бара нов сексуален објект.
И Вилма, наивната девојката на Цоле, е жртва на Куплинг, можеби најтрагична: Куплунг ја силува, а таа потоа станува негова љубовница. Од оваа тајна врска Вилма забременува. При една брутална сцена на насилство на Куплунг врз Стојна, Цоле го напаѓа таткото и го удира по главата со пиштол. Куплунг потоа останува инвалид врзан за количка. Цоле се жени за Вилма, таа раѓа син, а Стојна и понатаму ропски ја поднесува судбината обременета со нови тешкотии.
* * *
САМОУНИШТУВАЊЕ се појавува на почетокот на тн. транзиционен период на македонското општество, но, секако побитно од продукциски аспект, и на македонската кинематографија.
Ако периодот од 60-те години до крајот на 80-те години од минатиот век во македонската кинематографија доминираше „биполарниот“ модел на продукција – државниот продуцент „Вардар филм“ и Филмските работни заедници на авторите – во почетокот на деведесеттите стартуваа и приватните продукции. САМОУНИШТУВАЊЕ е резултат на новосоздадената продуцентска куќа „Нова продукција – Скопје“, формирана наменски за реализација на овој филм од страна на Јовица Михајловски, Георги Симеонов и Сашко Насев.
Во периодот на настанокот на САМОУНИШТУВАЊЕ Насев е успешен и популарен драмски писател – денес универзитетски професор, предава драма на Факултетот за драмски уметности во Скопје – а неговото сценарио има работен наслов „Прирачник за самоуништување“. Неговите драми „Чија си“, „Грев или шприцер“ и „Женски оркестар“ на почетокот на 90-те уриваа рекорди на гледаност во Драмски театар Скопје.
Актерот Михајловски е веќе етаблиран низ десетици драмски претстави, играни и ТВ филмови и серии (играл во сите претстави според текстовите на Насев).
САМОУНИШТУВАЊЕ е дебитантски долгометражен игран филм на режисерот Ербил Алтанај (Erbil Altanay), кој има интересна биофилмографија. Во 70-те години е дел од новиот бран на кинематографијата во родната Турција, чиј заштитен знак е политичкиот ангажман од левичарска провениенција, најчесто како прв соработник-асистент на Зеки Октен (Zeki Ökten), еден од најзначајните филмски автори во турската кинематографија на преминот на двата века, како и на Мехмет Аслан (Mehmet Aslan), Ергин Орбеј (Ergin Orbey)… По воениот пуч во Турција во 1980 година Алтанај заминува од татковината и до крајот на првата декада на 21 век со сопругата живее во Скопје, по што се враќа во Истанбул. Пред САМОУНИШТУВАЊЕ има реализирано десетици епизоди од ТВ серијалот МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПРИКАЗНИ, а во 2004 во Турција го режира филмот ВО МОЕТО БОГАТСТВО ИМА УБАВА ДЕВОЈКА (Falimda güzel bir kiz var / There is a beautiful girl in my fortune).
Мала дигресија: таа левичарска пролет во турската кинематографија доживеа естетска кулминација со филмот ПАТ (Yol / Path) на Јилмаз Ѓунеј (Yilmaz Güney), кој во 1983 година победи на Канскиот филмски фестивал. Ѓунеј по пучот завршува во затвор во Турција, и неговиот асистент Шериф Ѓорен (Serif Gören) го реализира поголемиот дел од филмот според дотурените режисерски белешки, а потпродукцијата на филмот е завршена во Париз, Франција.
Благодарејќи на Алтанај и копродуцентите на филмот, САМОУНУШТУВАЊЕ во 1997 година добива и верзија нахсинхронизирана на турски јазик под насловот „Intiharin el kitabi“ (Handbook of suicide), или „Прирачник за самоубиство“, за дистрибуција и киноприкажување во Турција.
Неблагодарно е да лицитираме со жанровските одредници на САМОУНИШТУВАЊЕ и да го сместиме само во „фиоката“ на натурализмот, или социјалниот филм, или новобрановска естетика, или можеби како некоја рефлексија на ексјугословенскиот црн бран… САМОУНИШТУВАЊЕ е социјална драма во која „златниот пресек“ на пролетерската гастрономија е четврт бурек со сирење (урда) или месо и чашка јогурт за појадок, манџа од зелка за ручек, и десетка ќебапчиња со кромид за вечера. И сето тоа обилно зачинето со агресијата во ликот на чичко Куплунг, тој егзотичен социопатски карактер каков што ретко сме гледале во домашните филмови: нешто помеѓу карикатура на транзицијата и стриполик анти-јунак.
Во суштина, три елементи го одредуваат САМОУНИШТУВАЊЕ како уникатна појава во македонската кинематографија.
Првиот е јазикот на Сашко Насев. Тој во дијалозите е и сочен и „сточен“, но револуционерен за македонската кинематографија во тој период. Дијалогот можеби стилски е инспириран од јазикот на Чарлс Буковски во неговите раскази и романи, но во манир на автохтон и полнокрвен скопски сленг, кој во САМОУНИШТУВАЊЕ не е проста поза, туку е „природен како млеко“. Впрочем, и маалската филозофија тука е издигната на ниво на „велтаншаунг“, поглед на свет: каков што е нивниот поглед на свет, таква им е судбината. Така им било пишано.
Уште една мала дигресија: писателскиот алтер его на Буковски беше Хенри Кинаски; токму Х(енри) Кинаски беше долгогодишен авторски псевдоним на Насев во неговите колумни објавувани во „Студентски збор“ кон крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години, како посвета на Буковски.
Ако го парафразираме Блаже Конески и се обидеме да тврдиме дека жанрот е „единствената и комплетна татковина“ на филмските автори, Насев е повеќе од доследен на самиот себеси во изборот, третирањето и обликувањето на темите кои сме ги сведочеле во неговите драми и во филмот САМОУНИШТУВАЊЕ.
Вториот е ликот на Куплунг во интерпретација на Јовица Михајловски. Уникатен според бестијалниот карактер на сексуален предатор, тој саможив балканоиден мачо-мен на Михајловски веднаш по премиерата на филмот стана општопопуларен „чичко Куплунг“, анти-херој со култни и често цитирани реплики. „Ќе ти купам десетка (ќебапчиња) со кромид да се осеќаш ко кинеска краљица!“ е една од нив. Реализиран во манир на „one man show“, Куплунг од САМОУНИШТУВАЊЕ е предвесник на тоа што денес се (анти)јунаците што ги гледаме во бројните reality show-а на телевизиите.
Во некои краишта на Србија до крајот на 19 век постоел „скриен“ народен обичај познат под името лапот, што е локален термин за таткоубиство. Имено, кога синот/синовите ќе пораснеле, го убивале семејниот „патријарх“ за да се ослободат од неговата апсолутна моќ, често практицирана на најсуров начин, која им ја одредувал судбината во сите сфери, најчесто по негов ќејф. Во САМОУНИШТУВАЊЕ тој лапот има саркастична димензија: Куплунг е тиранинот во семејството, но и спасител на неговата лоза, заради сексуалната дисфункција на синот Цоле.
Третиот елемент е визуелното „пакување“ на претходно кажаното. Порано тоа го нарекувавме едноставно режија. Ербил Алтанај е од оние автори – но пред сè личности – кои доблестите ги наоѓаат во скромноста и во занаетот. Или, за споредба, нешто како добар фудбалски судија, кој останува „невидлив“ во динамичен и драматичен натпревар на теренот. Алтанај, всушност, е доблесниот „слуга“ во интерес на филмската сторија, овозможувајќи нејзин непречен тек, па САМОУНИШТУВАЊЕ е питок, гледлив филм. Тука е неодминлив сличниот професионален профил на директорот на фотографија Синан Ѓунѓур, кој ја има потребната, а ненаметлива, визуелна фактура за сите сцени и карактери.
Тој пристап најмногу се очитува во работата со актерите. Михајловски е неспорен протагонист во приказната скроена по мерка на Куплунг, и секоја негова акција е како камен фрлен во вода, околу кој се формираат концентрични кругови: тоа се неговите релации со сите други ликови. Тоа не е ни малку лесно за реализација, бидејќи во САМОУНИШТУВАЊЕ има доста дебитанти и(ли) актери со дотогаш помала минутажа во долгометражниот игран филм.
Во речениот пристап спаѓа и музиката на Влатко Стефановски: потенцира или илустрира во зависност од дејствието во сцените. САМОУНИШТУВАЊЕ со неговите сонгови можеме да го компарираме со ИСПРАВИ СЕ, ДЕЛФИНА на Александар Ѓурчинов од 1977 и начинот на кој музиката на Славе Димитров му дава посебна звучна димензија.
* * *
Во овој четврт век од настанокот на САМОУНИШТУВАЊЕ македонската кинематографија е неповратно сменета, од секој аспект. Можеме ли да тврдиме дека и САМОУНИШТУВАЊЕ е камчето во тој мозаик, како она камче фрлено во вода што создава концентрични кругови?
-Веројатно можеме…”- за крај во својата рецензија пишува Стојан Синадинов.