Гости на настанот ќе бидат членови на Marvie Productions (Марви продукција), која обединува средношколци што создаваат свои филмови
Фестивалот „Џифони Македонија“ ги поканува учениците од основно и средно образование што сакаат да учествуваат на втората сесија од „Џифони филмски денови“, што ќе се организира в сабота (16 април) од 10 часот во Кинотеката. Деновите се отворени за ученици од петто одделение нагоре. Ќе биде прикажан белгискиот филм „Вселенско момче“ во режија на Оливер Перо. Сценариото е на Есебио Лареа и Оливер Перо. Филмот ја освои главната награда на Интернационален детски и младински фестивал во Бусан. Гости на настанот ќе бидат членови на Marvie Productions (Марви продукција), која обединува средношколци што создаваат свои филмови.
По проекцијата на филмот ќе следува дискусија. Може да се пријавите на следниот линк.
Младиот протагонист во ова компактно 100 минутно „патување до космосот“ е 11-годишниот Џим (Басил Грунбергер со особено енергетична изведба) на кој му се случува огромна промена во животот. Неговиот самохран татко и идол (Јаник Ренер) не само што се подготвува за пат во вселената, туку и одлучува да се преселат во друг град за да биде поблиску до обсерваторијата во која ќе работи. Џим истовремено е возбуден поради новата авантура, но и малку исплашен поради тоа што ќе треба да се навикне на ново училиште каде не познава никого. Иако е посочен како филм за деца и младинци, суштината на „Вселенско момче“ е многу подлабока што го прави ова филмско остварување соодветно за лица од 7 до 77 години – пишува Петра Бранковска, во рецензијата објaвена на Гледај.мк.
По дискусијата на филмот, во 12 часот ќе започне „Филмска работилница“ со режисерката Марија Џиџева. За оваа работилница може да се пријавите на следниот линк.
Проектот „Џифони филмски денови“ се организира со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм на РСМ и од Кинотеката на Северна Македонија, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони Експириенс“.