„Уште еднаш, ме фасцинираа. Сценографијата, режијата, глумата не однесоа… до небото“!, ова се дел од впечатоците на публиката во Бјалисток, Полска, по изведбата на претставата “Хамлет-денот на убиствата“, на Битолскиот театар. Имено тие беа дел од Интернационалниот фестивал „Direction east“, кој се одржуваше од 30.09 до 07.10.2024 година.
Претставата е работена според пиесата на Бернар- Мари Колтес, во режија на Марјан Неќак, кој е и автор на музиката. Во претставата се употребени фрагменти од аријата „Nessun Dorma“ од операта „Турандот“ на Ѓакомо Пучини и фрагмент од песната „What was I made for“ од Били Елиш; стихови од Вилијам Шекспир, Оскар Вајлд, Рајнер Марија Рилке, Емили Дикинсон, Борис Пастернак. На изведбата во Бјалисток присуствуваа и Македонскиот амбасадор во Полска Јасмин Ќахил, директорот на Драмскиот театар, Пјотр Адам Пулторак, како и заменичката директорка Мартина Занеуска, кои после изведбата упатија пофални зборови за екипата на Битолскиот театар со кои имаат одлична долгогодишна соработка.
Четирите клучни ликови на Шекспировата безвремена пиеса „Хамлет“, Хамлет, Офелија, Клаудиј и Гертруда, поместени во простор лишен од историски и културолошки контекст, во атмосфера во која секој морален императив губи смисла, во услови на беспоштедна игра за преживување, ги живеат последните часови од својот животот. Денот на убиствата! Ставен во такви екстремни услови, овој извонреден квартет од ликови и актери, кои им соживуваат на тие ликови со секоја фраза од кажаната реплика, ги испитува границите на човековата природа, поставувајќи ги прашањата за човековата ранливост, кршливост, за кревкоста на неговите ставови и убиственоста на неговите мисли, за несигурноста на неговата позиција во светот. За тоа- да се биде или не.
Сценографијата ја изработи Валентин Светозарев, драматург е Оливера Павловиќ, а костимите се дело на Андреј Ѓоргиевски. Во претставата играат: Никола Стефанов, Иван Јерчиќ, Валентина Грамосли, Викторија Степановска Јанкуловска. Суфлер: Мирјана Христовска, инспициент: Димитар Михајловски. Дизајнер на видео: Сашо Илковски, светло- мајстор Горан Петровски, тон- мајстор Александар Димовски, автори на плакатот Марјан Неќаќ и Сашо Илковски, консултант за билијард: Игор Радичоски.
“Хамлет- денот на убиствата”, претходно ја доби престижната наградата за најдобра претстава на Фестивалот ИНФАНТ во Нови Сад, Србија, а беше дел и од програмата на 32. Интернационален фестивал на Камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица.