ШТИП: Поетесите и поетите се чувствуваа возвишено на “Чет’рсе”

Exif_JPEG_420

Штип, 23.03.2023

Во Домот на Младите во Штип, едно од култните збиралишта на креатори и почитувачи на сценската уметност, за празникот “Чет’рсе”се одржа деветтото поетско читање, со преку педесеттина поети од речиси цела земја.
Поетите поетизираа, аплаудираа на секој кажан стих, во преубавата атмосфера во Домот, впрочем како и секоја година на оваа средба, позната првенствено по убавото дружење и меѓусебното почитување на присутните кои се чувствуваа како дома. Спој од повозрасни пишувачи и млади, кои штотуку зачекоруваат по поетските патеки.
Организаторот е во право кога рече дека оваа манифестација е на ниво на “Струшките вечери на поезијата”, така и присутните велеа.
Пријавени биле рекорден број над 130 поетеси и поети, нивните стихови се најдоа во заедничката книга која беше промовирана вчера. Всушност, тоа беше и свечена промоција на Зборникот бр.9 “Поетски Поздрав на Чет’рсе- Штип 2023”, на литературниот клуб “Искра”.
За почеток топло “добредојде” ѝм посака Градскиот хор на Штип со неколку изведби на традиционални и песни за македонски херои, а за срдечно “довидување” следеше закуска со познатата пита- пастрмајлија, карактеристична за трпезата од овој град.
“Навистина беше возвишено!”, беа едногласни коментарите на поетите, кои уште отсега најавија дека ќе дојдат и догодина на јубилејното десетто издание.
За среќа, и Министерството за култура имало слух оваа година за поддршка на оваа манифестација, тоа посебно го потенцираше на сцена и самиот организатор Миланчо Миленкоски, од клубот “Искра”.
“Чет’рсе” продуцираше над 130 нови песни, на разни теми, кои ја ткаат поетска традиција на Штип, за да останат засекогаш!


Валентина Ѓоргиевска Парго


куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.