Сонувам Театар…

По повод 27 Март, светскиот ден на театарот, режисерот Јани Бојаџи напиша инспиративна честитка, “Сонувам театар”…

***

Сонувам театар.

Сонувам мирис на чиги и кулиси.

Сонувам како со голи раце симнувам прашина од костими во несреден фундус, од реквизити оставени зад суфити од синоќешна претстава.

Сонувам како после доцна проба чекам сите да си заминат, како седам во партерот и во темнината гледам во празната сцена.

Сонувам како ја гледам претставата што ја правам.

Сонувам како некој ме гледа во последниот ред. Сонувам како тоа сум јас самиот.

Сонувам како и се потсмевам на мојата наивност да верувам дека тоа не е сон, туку јаве. Не сум влегол во театар повеќе од седум години. Во ниту еден театар. Дури ни во театарот во кој што се родив како театарџија. Нема да зборувам за причините, тривијални се, повеќе се состојба на реалноста, а јас денес на денот на театарот сакам да сонувам за театар. Сум направил дваесетина претстави во театар. Првата беше “Луди за љубов”, на Сем Шепард, во веќе исонуваната 1991 година, во мојот театар, во Струмица.

Сонувам како играм во театар, како сум актер, не режисер. Знаат тие со кои почнавме заедно да сонуваме за театар дека режисер станав само затоа што бев неталентиран за актерство! Не колку тие. Тоа е мојата најголема слабост! Мојот најголем сон, да бидам актер во театар!

Да се играм себе си, во состојба на некој друг! Но, така е тоа со соништата. Важно е да се сонуваат, не мора да бидат остварени.

Денес сонувам како има смисол да се сонува за театар.

Сонувам за тоа дека барем сонувајќи ќе се

вратам и повторно ќе работам во театар. Сонувам дека ова е доволна причина денеска да се сонува и слави театарот!

Честит 27 Март, светски ден на театарот, театарџии. Сонувајте. Нема како на друг начин сонот да се претвори во стварност, макар само во театар.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.