Знаеш ли колку сонца има?
Безброј ќе речам.
Едно на небото
Едно во езерото
Две во очите
Едно во срцето
Едно во меракот
Безброј во желбите.
Така еден ден кога те сретнав
Сите сонца светеа.
Гледајќи те во очите погледот ми го шеметеа
И ништо мислам не видов
Само една искра меѓу нас светкаше
Ваму таму се лелееше- таа беше меракот
Посветол од сонцата
Потопол од душите.
И се стркала на доле по песокот кон езеро
Тркалајќи се на доле раснеше, раснеше,
Раснеше и камен се стори
Да не може да збори.
Застана на брегот
И денес таму стои
Еднаш видов на него дете заспало
Еднаш некој пешкир оставил додека бил во езерото.
Еднаш некој поет седнал на него песна пишуваше
Еднаш рибарите кајче подпирааа да не бега
А брановите и ден и ноќ го плискаат и го љубат.
Меракот од искра камен стана
И со години таму остана.
Колку ли љубов има во него
Никој не знае
Но на кого е?
Само езерото знае.
Нашите соништа ноќе танцуваат над него
Надежта не ја губат
Сите сонца на светот се во него
Но многу е тешко
Да се живее без него!
Лилјана Нелковска
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.