Софија Петковска, е родена во Скопје, каде и ден денес живее и работи. Оваа 32 годишна Скопјанка по професија е дипломиран педагог.
Софија се занимава со пишување на рецензии за поетски збирки.
Таа исто така е и писател и координатор на хуманитарниот проект со книга ТВОРИ- ЧИТАЈ-БИДИ ХУМАН.
Софија е автор на поетската збирка ,,Поетски нежности” – поезија за возрасни и на детската книга ,,Едно слонче со црвено балонче”, а нејзини песни се сретнуваат и во нејзините четири хуманитарни книги ,,Снежни стихови” , ,,Шепотот на љубовта “, ,, Песочен часовник ” и ,,Херој”, како и во многу други антологии, организирани од други автори: ,,Црно белиот бал на цвеќето на мирот”, ,,Потпелистерски шепотења”, ,,Замрзнати поеми” ,, Меѓународен поетски фестивал Литературни искри 2022″, ,,Поетски Алманах “, ,,Стихувалки 2023″ и ,,Различни светови”.
Од 2022 година Софија е дел од жири комисија, претставничка на Македонија во меѓународниот поетски фестивал ,,Прегрни ме со стихови”, фестивал од натпреварувачки карактер, организиран од страна на писателот Расим Рале Гутиќ од Црна Гора.
Учествувала и сѐ уште учествува на многу литературни конкурси и манифестации за кои има добивано многу награди и признанија, како во земјава, така и во странство.
Нејзините стихови може да се прочитаат и на нејзината официјална фејсбук страница Поезија на Софија.
За неа и нејзиното творештво имаат пишувано списанието Портрет, дневниот весник Вечер, како и сајтовите ,,Жена на жена” и ,,Рингераја” , а песните се споделувани и на книжевните блогови Крајбрежје, Светулка, Македонска поетска ризница и Македонска поезија. Има гостувано во ТВ Канал 5, ТВ Сонце, ТВ 24 и радио Мост.
Хуманитарниот проект со книга се води под мотото ТВОРИ-ЧИТАЈ-БИДИ ХУМАН и започна за првпат да се реализира во 2021 година.
Преку овој проект, првата книга која излезе од печат носи наслов ,,Снежни стихови ” и во неа се застапени вкупно 37 автори. Сите парични средства од продажба на оваа книга беа пренаменети за потребите на децата од Дневниот центар за деца на улица од Скопје.
Втората книга која излезе од печат носи наслов ,, Шепотот на љубовта “, а во неа се застапени вкупно 60 автори. Паричните средства од ова дело беа пренаменети за самохраните родители од социјално загрозени семејства кои беа крајни корисници на Здружението ,, Љубезност “во Скопје.
Третата книга која излезе од печат носи наслов ,,Песочен часовник” , а во неа се застапени вкупно 30 автори. Паричните средства од оваа книга беа пренаменети за потребите на децата од дневниот едукативен центар ,,Сумнал” од Скопје.
Ова е четврта книга по ред која излезе од печат со наслов ,, Херој”, а во неа се застапени вкупно 35 автори. Паричните средства од оваа книга ќе се пренаменат за потребите на децата од дневниот едукативен центар ,,Дендо Вас” од Скопје.
Печатењето на книгите преку овој проект го врши печатницата ,,Ирис-принт” од Струга.
Кориците на овие книги ги изработува Никола Дио Петковски.
-Ние, авторите на книгите, сами го финансираме печатењето на истите, а јас како координатор на проектот, ја средувам книгата и пишувам рецензија.
По печатењето на книгите, следува нивна реклама и промоција (од наша страна, како автори, но и со поддршка на медиумите), а по продажбата на книгите, СИТЕ парични средства се пренаменуваат за хумани цели ( се купуваат продукти и производи кои им се потребни на организациите со кои соработуваме во тој момент).
Преку овој проект, хуманитарно се помогна и на настраданите во силниот земјотрес во Турција и Сирија, на тој начин што примероците од сите три хуманитарни книги кои останаа непродадени, овојпат се продаваа хуманитарно за Турција и Сирија, а сите собрани парични средства беа донирани на трансакциската сметка на Црвен Крст.
Критериумите за учество на авторите во книгите со секоја хуманитарна книга се различни. Најважно ми е авторите да испратат творба која соодветствува на дадената тема, а сѐ останато се нешта кои постојано трпат измени.
Сите автори кои сакаат да бидат дел од овие хуманитарни книги информациите околу проектот може да ги добијат на мојата официјална фејсбук страница Поезија на Софија или да ме контактираат на мејлот [email protected], како и на Инстаграм профилот: poezija_na_sofija
Ова е мал хуманитарен проект и затоа се печатат мал број копии на книги и се помага секаде по малку. Па така, со секоја хуманитарна книга, донирањето се врши на различни места. Она што е секогаш исто, тоа е дека одбирам организации кои работат со деца или возрасни каде таргет групи им се социјално загрозени семејства, пред сѐ самохрани родители и деца, ни објаснат Проф. Софија Петковска, писател и координатор на проектот.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.