4 Март 2023 година
Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција во Северна Македонија, синоќа, 3 март, со проекција на францускиот филм „Со полно работно време” го започнаа месецот на Франкофонијата.
Амбасадорот на Франција во Скопје, Сирил Бомгартнер, кој имаше обраќање пред самата проекција рече дека Франкофонијата освен што е јазик, исто така е и една организација во којашто се споделуваат вредности како мирот, правата на човекот и демократијата.
Тој најави во текот на овој месец дека ќе се одржат бројни активности и манифестации, изложби, дебати, предавања, филмови, а ќе има и омаж на македонскиот поет и писател Ацо Шопов по повод сто годишнината на неговото раѓање, кој бил голем франкофон и многу близок на Франција.
Швајцарската амбасадорка во Северна Македонија, Вероник Улман, во својот говор посочи дека Франкофонијата е една заедница којшто обединува повеќе од 300 милиони говорници на францускиот јазик во 88 земји.
Филмот е дело на режисерот Ерик Гравел, а во главните улоги играат Лора Калами, Ан Суарез. Добитник е на две награди на Филмскиот фестивал во Венеција, награда за најдобар режисер и за најдобра актерка, а неодамна се закити и со две награди Цезар 2023 за најдобра монтажа и за најдобра музика.