Продукцијата “Систерс и брадер” на 16-ти април ќе снима во населбата Драчево, дел од долгометражниот филм „Скејтањето не е за девојчиња” во режија на Дина Дума.
Овој проект е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска од каде ни доаѓа креативна и техничка екипа, проект кој ни е особено драг бидејќи е сместен во енергична ромска заедница во Шуто Оризари. Ова е филм кој следи три генерации жени – додека тие се движат низ судирот меѓу традицијата и предизвиците од модерното време. Низ светогледот на 12 годишната Адела, филмот ни отвора свет во кој три генерации жени се осмелуваат да ги препишат сопствените судбини и да ги оспорат границите на општеството обликувано од традицијата.
Локациите на снимање се на територијата на Скопје. Главните улоги ги толкуваат натуршчици и актери од ромската популација, Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Сценариото е на Дина Дума, коавтори Лидија Мојсовска и Теона Митевска, директор на фотографија Фредерик Ноиром, сценограф Вук Митевски, костимограф Матеја Фајт, шминка Мојца Горогранц- Петрушевска, кастинг директор Киријана А. Николоска. Продуцент на филмот е Лабина Митевска, копродуценти Себастијан Делој, Данијел Хочевар и Вања Сремац.
Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија, Хрватска и од Еуроимаж.
Филмот го започна снимањето на 2-ри април, 2024 година.
„Скејтањето не е за девојчиња” ќе се снима во Скопје и Драчево
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.