“Прва поречка поетска манифестација” се одржа на 9. ноември 2024 година во Домот на културата- Македонски Брод, на која учествуваа 67 поети, а свои поетски творби прочитаа 25 поети.
Настанот го отвори градоначалникот м-р Жарко Ристески, а обраќање имаше и директорката на Домот на културата- Македонски Брод, Даниела Ацкоска, со чија заедничка поддршка беше одржана оваа поетската манифестација, која беше во замисла и организација на Милица Паулус дипломиран, писател која живее и твори во Германија и професор Рате Савев од овој град.
Пристигнаа поети од земјава, од Скопје, Велес, Кавадарци, Куманово, Прилеп, Охрид, Кичево, Гостивар, Битола, настапија и роднокрајни поети од Македонски Брод, сите дочекани на традиционален македонски начин лично од градоначалникот како домаќин, и, од две млади девојки со леб, сол и буковец, облечени во традиционални носии.
Бината беше, исто така, традиционално и убаво декорирана, па така во прекрасен амбиент со убава македонска поезија и музика уживаа присутните во салата, меѓу кои и пратеничката Бисера Златеска.
Првиот дел на програмата го водеше Милица Паулус, додека вториот Рате Савев. Поетите изведоа свои творби, а програмата беше збогатена со настап на извонредните играорки и играорци од КУД ” 7. Септември” од Македонски Брод, но исто така Љубица Чифлигароска акапела изведе изворна народна песна, Соња Манасиевска Конеска се претстави со своја балада (поетска химна за поетските настани), Алексо Тришоски изведе народна песна, а народна песна исполни и поетесата Љиљана Тричковиќ во дует со Виктор Костовски, кој не само што пееше, туку и свиреше на синтисајзер. Со музичка точка се претстави и Миле Андрески, забележан настап имаше Љупче Најдоски на гајда, а најмногу аплаузи доби малечката ѕвездичка Јана Јанкулоски која ги развесели присутните со една детска песничка, а воедно и самата беше многу весела и радосна затоа што по настапите на детските фестивали, ова беше прво нејзино преставување во Македонски брод.
Писателката и една од организаторите Милица Паулус даде благослов, оваа прва поречка поетска манифестација да премине во традиционална и изрази желба домаќините да продолжат да си го негуваат и одржуваат овој поетскиот настан и понатаму. Во завршниот дел Паулус изрази голема благодарност до градоначалникот и до директорката на Домот, како и до професорот Рате Савев кој воедно е и поет, а ни изјави за КулАрт:
– Постојани правам настани сама или во соработка со поети и институции за да го негувам и промовирам македонскиот јазик!
На крајот сите добија благодарници за учество и придонес на настанот, беше доделена постхумна награда за Ѓорги Ѓоргиевски Ѓе.Ѓе. за неговата книга “Македонијо, гордост моја”, а потоа дел од поетите ја посетија живописната пештера Пешна, каде професорот Рате им ја раскажа целата легенда за овој спелеолошкиот објект кој го има најголемиот отвор на Балканот, а сите заедно се дружеа во познатиот ресторан “Чардак”.