ЗЛАТНИ ДЕНОВИ: Се одржа поетско читање во Кратово

144

Во екот на одржувањето на Златни денови Кратово 2024, кога се одржуваат повеќе музички концерти (5- 6 јули), културната програма на градот беше збогатена и со пладневен поетски настан во Домот на културата “Лазар Софијанов”, во организација на клубот “Надежи”.

Оваа поетска средба се одржа на 6 јули и на него учествуваа неколку роднокрајни автори, вклучително и поети и поетеси од други места кои имаат потекло или непосредна врска со ова убаво гратче во источниот дел на земјава, меѓу кои Горан Анчевски од ДПМ, Јован Мазгански, проф.д-р Ванѓа Радевска, Драгица Пандиловска, Марија Моневска, Весна Јордановска Тасевска, Панче Младеновски, Крсто Трајков, Розита Христовска, Соња Конеска Манасиевска, која програмата ја украси и со три музички изведби, Валентина Ѓоргиевска Парго и други.

 

 

Беа прочитани преку триесеттина песни и поеми, од кои најголем дел посветени на Кратово и неговата убавина и богата историја, а најмладата поетеса Љупка која имаше само 17 години прочита импресивна поема за светецот Свети Ѓорги Кратовски и предизвика одушевеност кај присутните.

Како специјален гостин свое излагање имаше ценетиот професорот д-р Душко Алексовски, претседател на Светската академија на карпеста уметност, и носител на преку 40 светски научни титули и дипломи, кој откри за своите долгодецениски научни истражувања со акцент на неустроено писмо кое го претстави за прв пат, со што му даде посебна ексклузивност на настанот.

Вкусна кратовска пастрмајлија беше неизоставно задоволство за крај на дружбата, која почна со утринско кафе, неформално читање на песната од Ацо Шопов посветена за Кратово веднаш после војната, прошетка и разглед, поезирање, а заврши во познат кратовски ресторан на трпеза која со молитва ја благословија домаќините, кои порачаа дека градот, кој сѐ повеќе станува туристички центар, е отворен за добредојдени гости, 365 дена во годината.

Секако тоа треба да се стори во секоја дадена прилика, да се види, доживее, вкуси Кратово, а и да се слушнат приказните кои ги крие, од која мене посебно ме повлече онаа што за време на ручекот ми ја раскажа поетесата и професорка по македонски јазик Марија Моневска (кратовчанка која живее во Лозово), дека во лето е преубаво гратчето, но се сеќава и на големи снегови и мразови на зима кога нејзината мајка по стрмните страни низ уличките се спуштала надолу со замесените пет лебови ставени на штица врз глава, за да ги однесе на фурна да се печат, а потоа одела да ги земе, и таа техника ја имала усовршено толку добро, со волнени чорапи ставени врз обувките, што никогаш не се случило лебот да ѝ падне.

Но, и онаа за првата апотекарка во градот, Ратка- Наталија, горда и непокорна скоевка за која има антологиска вистина која наскоро ќе биде објавена…

 

Ва. Ѓ. Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.