Се одржа 14. издание на “БОШ”

Неодамна се одржа 14 издание на „Бош фестивал“, во организација на ЗЛУКР „Арт еквилибриум“. Станува збор за локално сконцентирана, глобално ориентирана, посветена програма со изложби, инсталации, видео-проекции, филмови, промоција на роман, работилница за деца, Саем на независно издаваштво и концерти во двата фестивалски денови кои се случуваа во Народниот театар и во Уметничката Галерија АМАМ во Гевгелија, но и трети пат по ред промоција на мурал на Ракометното игралиште во Гевгелија.
На 26 август во Народен театар Гевгелија беа прикажани  „Алгоритмеа: Евлогија за дигиталните богови“ – Стефан Марковски / промоција на поема, Експерименталната постмодерна поема во која авторот сиподигрува со границите на сето она што го чини креативниот процес, „стрелата на времето“ и еволутивниот творечки и технолошки развој, модалитетите на создавањето и пишувањето, дури и оние на авторството во еден роланбартовски хиперреален постмодернизам, каде што како автор на едно книжевно- уметничко дело може да се јави, макар и симболично или метафорички, „вештачко-интелигентен софтвер“. Илустрациите се дело на Вангел Срнаков.
-„Ликовни раскази“ – Митко Панов / проекција на кратки филмови и дискусија со авторот „Ликовни раскази“работилница со сликарот и режисер Митко Панов, кој себеси се гледа како „с-ликовен раскажувач“. Низ серија кратки филмови ја прикажува врската помеѓу сликата и раскажувањето, односно с-ликовното писмо во филмската раскажувачка традиција.
Митко Панов (1963 година во Скопје) – македонски филмски режисер. Дипломирал режија на Филмската школа во Лоѓ, Полска. Панов живее во САД и Македонија.
ИЗЛОЖБИ:
„Микромонографија на отпадниците од светот на анимираниот филм“ и „Скица за комична опера“ – Владимир Лукаш Промоција на книга печатена во сито-печат, „Микромонографија на отпадниците од светот на анимираниот филм“, во соработка со Flipbook Film Festival и Партизанска штампа, која го обработува проблемот на малиот невидлив човек, кој е дел од големите предвидливи индустрии преку одредени фолклоризирани профили на луѓе што работат во анимираниот Б филм.
На изложбата беше претставена оригиналната верзија на книгата „Скица за комиична опера“ како колекција на ликови и портрети на луѓе застапени во класична венецијанска комична опера со сите нејзини интриги. Владимир Лукаш е мултимедијален уметник, кој живее и работи во Скопје. Активно музицира и пишува, односно досега објавил 8 авторски книги и реализирал концерти, самостојни и групни изложби во Скопје, Берлин, Њујорк, Истанбул, Лондон…
„Биоморфинзи “ – Атанас Ботев Изложба на серија цртежи што се надоврзуваат на сензибилитетот на делата настанати во периодот од 2009 – 2012 година. Цртежите се своевидни фигуративни апстракции во кои авторот истражува нови графички територии.
Атанас Ботев е мултимедијален уметник, кој работи во повеќе медиуми: сликарство, графика, цртеж, стрип, инсталација и перформанс. Дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, работи како раководител на Отвореното графичко студио при Музејот на Град Скопје.
Реализирал повеќе работилници, како и самостојни и групни изложби во Србија, Македонија, САД, Франција, Германија.
„Keep Going“ – Ице Капсаров / видеопроекции врз објекти Видеопроекции направени со намена да се проектираат на БОШ фестивал 14, врз објекти во градот. Авторот за своето дело ќе каже: „KEEP GOING“ или „Продолжи понатаму“

Видео-инсталација “Мрачна шума”

Во Народниот театар-Гевгелија Во рамките на работењето на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, се одржа еден интересен и несекојдневен настан за гевгелиската публика, беше прикажана видео-инсталација „Мрачна шума“ на Марија Стојанова, една од организаторите на „Бош фестивалот“.
Во освртот на историчарот на уметноста, Емил Алексиев, за оваа видео-инсталација стои дека целта на МРАЧНА ШУМА е евокација на една заборавена архетипска слика. Во мрачната
шума е скриена тајна. Потребен е вашиот поглед за да се случи чудо -мрачната шума е преплавена од светлина и сè одеднаш оживува. Стотици пеперутки излегуваат од темнината и го исполнуваат просторот. Оваа провала на волшебното во нашиот свет создаден од бетон, челик и стакло ги ослободува природните сили затрупани од багерите на нашата цивилизација.
Проектот е замислен како дијалог меѓу природата и културата (натуре – цултуре). Марија Стојанова преку јуктапозиција на две слики (една статична, друга подвижна; мрачна шума- пеперутки), поставува битни егзистенцијални прашања во врска со односот помеѓу луѓето и нивниот свет: Како културните влијанија,нашите сопствени истории, традиции, мемории, архетипски претстави, симболични слики од колективната свест и современата цивилизација ги обликуваат нашите животи? Кои се последиците од нашето отуѓување од природата? Дали природата и културата се, всушност, спротивставени? Можеме ли да размислиме за нашето постоење надвор од природата? Дали уметноста може да ја обнови магијата на природата?

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.