На 05 декември 2023 година, во големиот салон на Ј.У. Дом на култура „Кочо Рацин“ се одржа отворање на заедничка изложба на фотографии на Јана Кузманоска и Тања Кузманоска и промоција на електронската фото- стихозбирка на Тања Кузманоска, „Верси и визури“.
Настанот се одржа во рамките на богатата културна понуда на Град Скопје како Европска престолнина на културата 2028 година и е поддржан од Град Скопје и Ј.У. Дом на култура „Кочо Рацин“- Скопје.
Проектот „Верси и визури“ е интердисциплинарен, преку симбиоза на стихови и фотографии се прави спој на визуелната уметност и книжевноста.
Беа изложени дваесет и две заеднички фотографии, поделени во два циклуса: пејзажи од Македонија и регионот и “street” фотографии од заедничкото патување низ Италија на двете авторки.
Ова е прва изложба на младата и талентирана уметница Јана Кузманоска каде што се претставува со поголем број на фотографии, а втора на Тања Кузманоска. Поширокиот избор на фотографии за фото-книгата и изложбата беше направен од фотографката и графичка дизајнерка Вера Христовска, а крајниот избор на фотографии за изложбата, од професорот по фотографија на Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“, Роберт Јанкулоски.
„Верси и визури“ е втора стихозбирка на Тања Кузманоска, овој пат објавена во електронски формат, во сопствено издание. До стихозбирката може да се пристапи преку QR код кој е отпечатен на задната страна на фотографиите од изложбата, изработени во помал формат.
Кузманоска, освен што е авторка на стиховите, се јавува и како авторка на дел од фотографиите и е уредничка, јазична коректорка и графичка уредничка на публикацијата.
Промоторка и на електронската фото- книга беше поетесата, слемерка, преведувачка и книжевна критичарка Елена Пренџова, која е и рецензентка на стихозбирката. Таа прочита и избор песни. Кон публиката се обрати и авторката, која зборуваше за фотографиите, а читаше и стихови од книгата.
Рецензентка е и писателката, драмска авторка и книжевна критичарка Габриела Стојаноска- Станоеска. Дел од фотографиите во стихозбирката се на Јана Кузманоска.
Содржи триесет песни и триесет и четири фотографии од двете авторки. Поделена е во три циклуса: Тишината и гласот, Оплакувања и Желба.
Во пишаното и визуелното творештво на Тања Кузманоска мотиви се тежнеењето кон слободата на мислата и на духот и љубовта кон природата, патувањата и луѓето.
Песните се сирови, а стиховите се отворени, го сецираат телото и продираат длабоко до срцето, со што читателот се идентификува со стиховите или како што истакна промоторката и рецензентка Елена Пренџова: „Автобиографското во нив е толку моќно што уште веднаш се стопува со биографското на читателот што ја убиваат авторката и така дозолуваат нејзиниот пиедестал да го наследи читателот/читателката“.
Рецензентката Габриела Стојаноска- Станоеска ќе напише: Тања Кузманоска мошне креативно си игра и на интертекстуален и на интермедијален план, вткајувајќи во своите стихови алузии на песни од Кочо Рацин, стихови на песна од Френк Синатра и други поетски и музички дела кои ѝ даваат посебен шмек и штимунг на целата збирка.
Тања Кузманоска (1975 година, Штип) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на групата Македонски јазик и јужнословенски јазици со англиски јазик и книжевност.
Живее и работи во Скопје како преведувачка од македонски на англиски и српски јазик и обратно.
Кузманоска е наградувана поетеса и добитничка на почесни признанија, пишува, раскази, патеписи и е драмска авторка.
Нејзината збирка поезија „Низ огнови“ ја доби наградата „Лесновски ѕвона“ за најдобра дебитантска збирка за 2020 година на конкурсот на Манифестацијата „Лесновски ѕвона“ посветена на поетот Чедо Јакимовски.
Во октомври 2022 самостојно го објави второто издание на стихозбирката „Низ огнови“, надополнето со авторски фотографии.
Нејзини песни, раскази и патописи се објавувани во зборници и во пишани и електронски списанија и платформи за литература, уметност култура и наука: Современост, Стремеж, Поетски слем Македонија, Е-лит, radiomof.mk, academia.edu, wordpress.com, kulturabeta.com, wixsite.coм, plagij.at и др.
Има учествувано на голем број национални и интернационални манифестации и фестивали и е преведувана и објавувана на англиски и српски јазик.
Има остварено една самостојна изложба на пејзажни фотографии во галерија Ко-Ра, Дом на култура „Кочо Рацин“, Скопје, 2022г.
Има изложувано фотографии на шест интернационални групни изложби.
***
Јана Кузманоска (2005 година Штип) е ученичка во четврта година во средното уметничко училиште ДСУЛД „Лазар Личеноски“ во Скопје, отсек Мултимедиа.
Фотографија изучува како редовен предмет во уметничкото училиште во прва и втора година и на неколку интернационални и домашни работилници и курсеви.
Со свои фотографии учествувала на пет интернационални групни изложби:
Интернационалниот фестивал за алтернативна фотографија- Зрно „Да растеме заедно“, 2022 година.
One take video на Интернационалниот филмски фестивал за млади Giffoni Macedonia, 2022 година.
Интернационалната мултимедијална изложба “Денот на пролетта и деновите на екологијата” галерија Ко- Ра, во Дом на културата “Кочо Рацин”- Скопје, 2023 година.
Интернационалната мултимедијална изложба “Нашата визија за ЕУ- Редефинирање на приоритетите” галерија Ко-Ра, Дом на култура „Кочо Рацин“- Скопје, 2023 година.
Интернационалниот филмски фестивал за млади Giffoni Macedonia, 2023 година.