Промовирана книгата на режисерката Ана Опачиќ

Кинотеката на Македонија на 3 декември 2024 беше дом на еден особено топол настан- промоција на книгата „Авторските политики во филмските адаптации: Смрт во Венеција (Лукино Висконти), Војчек (Вернер Херцог) и Огледало (Андреј Тарковски)“ на режисерката Ана Опачиќ. Книгата е во издаваштво на КИНО БАЛКАН СКОПЈЕ, во соработка со Фестивал на нов европски филм БИЧ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ, и е финансиски поддржана од Министерство за култура. Оваа обработка на книжевност и филм, две сосем спротивни уметности, уште еднаш ја докажа нивната неизбежно испреплетена природа. Благодарение на промоторите- проф. Александар Прокопиев, писател и Ивица Димитриевиќ, актер и режисер, делото на Ана Опачиќ достојно проциркулира низ нашата Кинотека и стабилно ја зацврсти својата положба меѓу сите други книги со ваква тематика.
Истражувачкиот пат на овие две области е поплочен со нивните меѓусебни различности, како и неможноста да се даде сеопфатна анализа. За таа цел, Опачиќ се осврнува накај редуцирање на главниот предмет на истражување и избира да го анализира начинот на кој се обработуваат различните филмски жанрови. Во овој труд се разгледани три канонски филма и три книжевни дела: новелата „Смрт во Венеција” на Томас Ман во режија на Лукино Висконти (1971), недовршената драма “Војцек” на Георг Бихнер во режија на Вернер Херцог (1979) и фрагментарната поезија на Арсениј Тарковски во филмот “Огледало” на Андреј Тарковски (1975).
Трудот е поделен на повеќе целини, од коишто секоја истражува одредена особеност произлезена од обработените дела. Најпрво се разгледува интермедијалноста што ги поврзува книгите со филмовите, како и нивните ограничувања и недостатоци. Понатаму, се анализира теоријата на авторство и се поставува прашањето дали може да се биде автор иако делото не е оригинално свое. Третиот дел целосно е посветен на филмските адаптации на книжевните дела и полемизира околу придобивките и загубите при адаптација на дела од различни книжевни жанрови.
Ова дело дополнително ја ќити богатата културно-филмска дејност на авторката. Покрај нејзиниот успех како режисер и директор на познатиот Фестивал за нов европски филм Охрид Beach Film Festival, Ана Опачиќ успешно запловува и во книжевните води.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.