Промоција на Виолета Наумовска: “Огне” и “Време за желби” веќе се во рацете на децата

25.07.2024

Радосни дечиња и премногу позитивна енергија денес напладне го преплави скопското Сули ан за време на промоцијата на книгите „Огне“ и „Време за желби“ на авторката Виолета Наумовска, одржана во рамките на манифестацијата “Скопско лето”.

Промоторката проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска кажа многу пофални зборови, а прочитани беа и пофални рецензии од Братислав Димитров и Горјан Петрески, кои на некој начин, а и речиси директно, сугерираат овие дела да влезат и во училишната литература за деца.

Збор зедоа и децата кои веќе ги имаат прочитано овие книги, поточно книгата “Огне” на која денес ѝ беше повторна промоција бидејќи ова е второ издание, првиот тираж е распродаден.

Авторката кажа дека своевремено за инспирација ѝ послужил едниот син, Борко, кога бил дете, бидејќи барал навечер да му раскажува сказни, а во недостаток на мирољубиви и логични сказни морала да измислува, а сега инспирацијата ѝ ја покрева внукот Филип, кој од прв ред ѝ за заблагодари на својата баба што нејзината книга му ја посвети нему, и тоа со персирање на “Вие”, што предизвика симпатичен момент, и даде идеја во книгите да има повеќе хумор.

Децата ги купија книгите и чекаа автограм од писателката.

Наумовска е позната авторка на поезија и проза, а има објавено едиции за најмладите: “Облачиња”, “Шумски приказни”, и “Чудесни приказни”, стихозбирка за возрасни “55 чекори” и други.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.