Промоција на романот „Боксерот од Ново маало“ од Владимир Плавевски

Во Културно- информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија на 27 февруари 2024, се одржа промоцијата на романот „Боксерот од Ново маало“ од Владимир Плавевски.

Настанот беше посветен на македонскиот писател, новоиздадената преведена книга ќе биде претставена од страна на бугарскиот издавачот и книжевен критичар Пламен Тотев (Издавачка куќа „Персеј“), како и од страна на преведувачите Маријан Петров и Тања Попова.

***

Македонскиот писател Владимир Плавевски раскажува за уличниот тепач од своето детство со звучниот прекар Дери Катил во романот „Боксерот од Ново маало“ (во издание на „Персеј“, во превод на Маријан Петров), кој ја доби престижната награда „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2020 година.

Владимир Плавевски (1948- 2023) имаше многустрана писателска кариера, вклучувајќи не само романи и раскази, туку и драми, сценарија за телевизиски серии и радио драми. Неговото мајсторство му донесе награда за роман на годината во 2013 година, за книгата „Јадица“ (Персеј, 2018). „Боксерот од Ново маало“ е уште едно негово емотивно четиво, во кое низ приказната за насилникот од маалото, Дери Катил, ги доживуваме сите искушенија низ кои поминаа скопјани во кобните 1962 и 1963 година.

Местото на дејствието е населбата Ново маало во Скопје пред разорниот земјотрес во 1963 година, кога целиот град беше срамнет со земја.

Ангел Тонтевски, или Дери Катил- реален лик од детството на Плавевски- е познат уличен насилник од Ново маало и сосед на младиот наратор Владо. И како што вели боксерскиот тренер Страхил: „Комшијата е поважен од роднината.“ Тогаш, вели авторот, соседите меѓусебно си помагале во секакви животни драматични ситуации. Социјалната средина, во која не потопува романот, е бележана од сиромаштија која се граничи со мизерија, но луѓето биле здружни во своите неволји. Секое маало имало своја улична банда млади кои се бореле со други банди од други маала, и за одмазда и за слава. А секоја банда имала свој водач- кабадаија.

Таков за новодојденците е Дери. Својот прекар го добил во кланицата каде што работел, бидејќи најбрзо ги дерел животните. А на улица тој е терор за сите. Никој не може да му се спротивстави во тепачките, тој е авторитет и за своите и за другите – непријателските банди од другите маала се тресат само кога ќе го слушнат неговото име или штом го видат. Поради проблемите што Дери Катил ги создава со својот насилен темперамент, тој завршува во затвор. Го советуваат да го скроти својот темперамент со започнување на тренинзи по бокс. Тренирајќи напорно и посветено, Дери станува боксерска легенда на клубот „Вардар“ во Скопје и гордост на жителите на Ново маало, а неговото пријателство со малиот Владо прераснува во вистинско братство. Дери има проблем со читањето, па постојано му се јавува на Владо – нај оддадениот  читател во соседството – да му чита на глас книги за бокс и митолошки ликови, од кои е инспириран.

Благозвучниот наратив на Владимир Плавевски го претвора сеќавањето на тоа сега далечно време со незаборавни ликови во литература, со одличен квалитет. Неслучајно романот е оценет од критиката и со една од најпрестижните македонски книжевни награди.

За време на незаборавната вечер, Тања Попова ја претстави и претходната книга на Плавевски- збирката раскази „Динга стоп“.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.