ПРОМОЦИЈА НА БОБИ ПЕТКОВСКИ: “Голем мераклија” е напишана на хартија за шеќер!

…Голем мераклија одувек си бија
Жене си мамија и вино си пија.

Од весеље или жалост
важно пие свак.
А ја пију отсабајле
такој ме мерак.

Цел живот лумпују,
за друго не знам
За жене и вино мераклија сам.
Затој немам куќу,
спију на сокак.
Још ме не напушта
т’ј пусти мерак.

Од роѓење мене ми е
хороскопски знак.
Да милују туѓе жене
такој ме мерак.

Ја не живу како други
не сам ја за брак
Поважан ми е мерак
Него куќни праг.

 

***
-Завршува работен ден во Радио Куманово, си доаѓам дома, женет, и велам :”Жено, ќе пиемо ли кафе?”.
“Куде ќе пиемо кд нема шеќер?!”.
Скок до продавницата, тогаш на мерење, во хартиена ќеса, доаѓам дома, пресипувам, ќесата ноншалантно во кантата за ѓубре, ѕвони фиксниот телефон и Ванчо Михајловски, уредникот од радио, кои имале студио каде се снимаа песни, ми вели :”Аман, заман, ти татко- ти мајка, спасуј!”.
Ми ја пушта демо снимката ја слушам и велам “Бате Ване, не се секирај за пола саат ќе биде!”.
Како за беља немав ќорав лист хартија за пишување, си одам си ја земам хартијата од шеќер што пред тоа ја фрлив, ја распарав, го пишувам текстот го носам во студиото, господинот Беки Бекиќ кој ионака секогаш е дежурна насмевка на естрадата, со толкава професионалноста само симпатично се насмеа, ја зема хартијата со текстот, ја отпеа од прва и другото е историја. Се случи. Ама кога сака да биде…”
Ова е легендата, изворно кажана од авторот,  за создавањето на песната која е отпеана на “Тумба фест 2000” но е толку обнародена што ретко кој знае дека е авторска, на текст на Боби Бобан Павловски.
Според оваа песна е насловена книгата песнарка која имаше промоција во Занаетчискиот дом во Куманово, на 29 август 2024 година, непосредно пред почнувањето на славниот кумановски фестивал на шегата.

***
-Мојата поезија не би ја нарекол поезија. Не е уметничка. Стиховите што јас ги пишувам се ангажирани стихови во служба на музиката. Веројатно ги знаете повеќето од нив, но не ги знаете анегдотите како се создадени и тоа сигурно ќе ве интересира. Збирката е насловена “Голем мераклија” од причина што песната се обнароди. Многу малку луѓе знаат дека јас и Сашко Митковски кој е автор на музиката и аранжманот го создадовме ова вонвременско дело. Еве ќе ви кажам анегдота дека на Јутјуб наидов на караница меѓу врањанец и нишлија. Врањањецот си напишал “е ова е наша стара врањска песна”, нишлијата му реплицирал “ќути тамо, ово је написао један наш професор музике из Ниша”. И кога читаш се случува едне микс од емоции. Од една страна ти е драго што не се знае авторот, од друга страна пак ти е криво што ете не си спомнат. Меѓутоа не сум осамен, и ден денес постои анегдота дека ако сакаш да бидеш пејач во Србија мораш да се јавиш во Скадарлија на некоја си неофицијално аудиција и да ја испееш “Зајди зајди јасно сонце”. Ако ја донесеш како треба “повели друже ти си веќе пејач”, ако не “чао, довиџења”. Верувам дека многу малку луѓе знаат дека не е тоа народна песна и дека автор на таа песна е нашата легенда Александар Сариевски. Драго ми што влегувам во тоа друштво и уште подраго ми е што влегувам во друштвото на творците кои твореле на кумановски. Да кажам, можеби нема да биде нескромно ако се ставам во таа категорија Васил Иљоски со познатата “Ленче Кумановче” или “Бегалка”, Киро Крстевски- Баба Ружа, Киро Соларски, во поново време и други, со таа разлика што тие пишувале проза, а јас си играм со стиховите… Можеби ова не уметничка поезија меѓутоа има ли поголема уметност од тоа да го сочуваш духот на едно време, менталитетот на својот народ и ако постои усно предание кое кружи од век и веков дека ние Кумановци сме мајтапции, ова е веќе тапија. Ние сме сега мајтапчии со тапија!, на промоцијата пред присутните објасни Петковски.
По 15 години поминати во Љубљана да се одговори на повикот да се дојде во родниот град и да се промовира својата книга, првенче,  најверојатно е “струја” која мора да ти помине под кожа, и нешто што може да те вади од чевли. Да си го погледнеш за миг целото твое творештво собрано на купче и сѐ што досега си оставил во македонската ризница, и да го изгледаш својот авторски филм. Е, бара храброст. И по некоја солза што е простено дури и кога е пред присутни.
Тоа му се случи на авторот кој верувале или не, Куманово и кумановската трафиката ја испеал во дури преку 50 верзии, во исто толку песни отпеани на овој фестивал, што е речиси незамисливо и можеби е и рекорд на светско ниво.

Конферансие на оваа промоција беше текстописецот и водител Ѓорги Калајџиев кој специјално допатува со сопругата Софче од Струмица, и веднаш раскажа дека сето тоа е со голема причина и повод, кои ги објасни исцрпно.

-Еве сум јас повторно во Куманово, ми рекоа дека треба да бидам промотор на книгата која денеска ја промовираме и ми рекоа дека тоа ќе се случи во Библиотеката во Куманово, тоа беше првата информација пред некои 10-15 дена. Јас  толку се израдував бидејќи пред некои 35 -40 години во таа Библиотека неколку пати сум читал својата поезија, сум влегувал во филм дека сум голем поет, и тука се тие корени, некој задродиш на мојата голема љубов што ја негувам кон овој град, градот Куманово. Градот кој најмногу сакам, се разбира после мојата родна Струмица.
Овој град го паметам од  времето на “Златно буренце”, тоа е една култна кафана, штета што ја нема. Се сеќавам на амбиентот, кога ќе замижам се сеќавам на мирисот на таа кафана и се сеќавам на келнерката која нѐ служеше. Беше една корпулентна келнерка со потсукани ракави со големи подлактици и тетовирана. Тоа беше првата жена која ја видов тетовирана, а замислете тетоважата и беше котва, како да служела во воена морнарица. Беше многу интересна жена и секогаш реагираше ако ние реагираме дека математиката не ѝ е точна.
Ако три ракии и зелка салата чинат 130 динари, таа вели 150 денари и ние реагиравме, не 130 динари,  а таа вели удира со рака на маса 150 кога ќе речам. Аха, нема проблем, нема проблем…
Тоа тоа се тие мои први спомени од Куманово. И во времето кога јас читав поезија во таа Библиотека, стекнав многу пријатели и добив многу награди од Куманово. И на Осмоноемвриски поетски средби и на Поткозјачки литературни средби. Тие мои пријатели ми се најдоа за понатаму. Приказната продолжува во 1987 година кога требаше да одам војник. И да не се лажеме, ај да не се лажеме, наша омилена дисциплина е фаќањето врски. Била, останува и ќе биде и понатаму, претпоставувам. Треба да одам војска и фативме врска во војниот отсек во Струмица  каде да одам војник, не сакав надвор во Македонија не сакавда бидам во Хрватска и Словенија, џамбен таму некаде. Сакав да биде во Македонија и добив четири предлози и јас требаше да изберам еден од нив, можев да бирам меѓу Штип, Велес, Куманово и Скопје и јас ни пет ни шест реков- Куманово. Токму затоа што имав пријатели, и затоа што тука го имав “Златно буренце” и така таму.
Дојдов во Куманово војник. Имав среќа во таа 1987 година да бидам поканет на Струшки вечери на поезијата да ми биде промовирана моја поетска книга и кога старешините дознаа дека имаат војник кој има книга која ќе биде промовирана на Струшките вечери на поезијата ме повикаа за да ме видат и добив ново место- освен радиотелефонист добив ново место Началник на војничкиот клуб во касарната “Христијан Тодоровски Карпош”. И не само тоа, туку добив место раководител на Спомен собата на третата Македонско- Косовска народно ослободителна ударна бригада во која доаѓаат гости, пионери, борци од Куманово, јас со стапчето в раце им ја покажува спомен собата,  сите тие фотографии, патот на таа бригада. Така дознаа за мене сите Кумановци, не само моите пријатели, туку така дозна за мене и од Радио Куманово и ме повикаа да им бидам гостин и добив место соработник на неколку емисии и на младински емисија во Радио Куманово и таму сите луѓе кои беа инволвирани во правењето на емисии на Радио Куманово ми стана пријатели. Еден од тие пријатели е момчето десно од мене. Се знаеме 37 години и како да не му дојдеш овде да му бидеш водител, да му бидеш промотор, како да не дојдеш овде кога ова што се случува сега и овде е дел од “Тумба фест”, фестивалот кој најмногу го сакам. Како да не дојдеш овде, а  да не го видиш Нино Величковски (кој беше присутен) со кого во радио Куманово имавме радио драма, еј радио драми, глумци Ѓорги Калајџиев и Нино Величковски и глумците од Кумановскиот народен театар.

И сега ова што ме збуни е информацијата дека овој настан е  некаква “офф” програма. Мори мајко, офф програма. Што му значи тоа офф програма освен што значи дека е тоа извик при некаква болка. Да, има логика, затоа што кога ти е прв пат боли, особено кога тие прв пат, а имаш 55 години. Еее, на Боби Петковски, драги мои му е прв пат, ова му е прва книга “Голем мераклија” и како што веќе реков во неа се поместени педесеттина песни испеани на “Тумба фест”. Јас сум горд што седам лево од неговата страна затоа што на левата страна му е срцето, се надевам сум блиску до негово срце и чинам дека ова што го држам во рацеве сега и овде тој бездруго го заслужува.
И се прашувам, ај што не отидовме во библиотека, туку зошто сме во Домот на Занаетчиите? Јас ќе ви кажам зошто, затоа што  пишувањето шеговити песни е на добар занает а до мене е мајсторот на тој занает, Боби!

Емотивно беше обраќањето на Калајџиев, уште повеќе на иницијаторката и уредничка на книгата, госпоѓа Слаѓана Ивановиќ  член на Советот на фестивалот, која рече:
– Честитам од името на “Тумба фест” и од мое лично име. Збирката што сега ја читаме со душа ја чекавме. Идејата се роди, затоа што ако Куманово го има батко Ѓоргија како мераклија на вино и на ракија и на сѐ поврзано со ракија, значи Боби е мераклија на пишаниот збор и тоа е реткост, навистина е реткост. Пресреќни сме што го имаме во нашите редови и што е дел од “Тумба фест”.  Боби да ти се множат. Ова е првенче, а следната година одиме со нешто ново, му порача уредничката на книгата!

Поздравен збор зеде и првиот човек на “Етноризница”, издавачот на делото, и на “Тумба фест”, директорот Драган Јаким, кој рече:

-Големи честитки до Боби Петковски. Боби е најплодниот текстописец на “Тумба фест”, а во збирката се поместени 50 негови дела 50 негови чеда како што тој милува да каже. Ние како Совет на фестивалот сме среќни што го имаме Боби во нашите редови. Има многу анегдоти во врска со пишувањето на песните и големо изненадување за мене беше едноставно ќе му нарачаш песна, а тој веќе ти ја испраќа. Имаше една таква анегдота, на една од пејачките една строфа не ѝ се допаѓала и јас му се јавувам, и додека да го затворам тлефонот стигнува новиот рефрен. Тој не само што е квалитетен е и плоден и навистина голема среќа е што Куманово го има Боби, а потоа и нашиот фестивал. Боби освен на кумановски дијалект каде што е неприкосновен пишува и на македонски литературен јазик, меѓутоа има напишано песни на штипски и битолски дијалект. Едноставно Боби Господ да те поживее за да и “Тумба фест” квалитетно трае уште е многу години!, срдечно поздрави директорот.

(Автор на фотографииите е Марјан Јаневски Шалајко, Фондацијата за култура и спорт)

***

Боби, на крај, се надоврза со благодарност, кон сите учесници во создавањето на книгата, отпечатена во 200 примероци, до тројцата главни мускетари кои им дадоа душа и ги облекоа  во прекрасно музичко руво песните од оваа песнарка, кумановскиот професор Игор Трајковски кој во последната деценија остава сериозен белег во музичката продукција, авторот на “Мераклија” Сашко Димовски од Крива Паланка, и до неговиот драг дамнешен пријател Цане Петров (екс “Биоритам), еден одличен првенствено човек, а потоа и композитор и аранжер.  Благодарност до Советот на Општина Куманово и градоначалникот Максим Димитриески, раководителот на секторот за култура при општина Куманово Александар Крстевски и до Фондацијата за култура и спорт и вд директорот Марио Арангеловски, рече.
Сосрма за крај, Боби Петковски, заблагодари со пораката:

“…И за срцето кое Господ го почести со уште еден живот по една тешка операција шест часовна, и три дена кома, што да се каже, секој ден е подарок… Како што ова е подарок  на мојот град, на мојата држава!”…

***

На колена пред внуката Андреа

**”

А книгата ги содржи возбудливите урнебесни шеговити стихови на песните:
– За у куќу више не си
– Голем мераклија
– Докторка
– Зоки мачомен
– Кумановку дал да зему
– Мајстор Цане
– Стар мачор
– Европска
– Кумановац не се бива
– Кумановке фраерке
– Мори Лено азган жено
– Нека пукнев сви душмани
– Пијаница
– Селфи
– Уникатан
– Аманет
– Жал за паре
– Карамбол
– Ќе одиш на блок
– Турнеја
– Царица
– Зет како мед
– Кавгаџика
– Птицо бела
– Свирете гу онуј моју
– Чакарлија
– Весељаци
– Лепота се цени
– Песна за баба Цана
– Сирење за пари
– Сукаљка е спремна
– Заљуби се у попову ќерку
– Куку леле туго мене
– Моме опасно
– Пукна тиквата
– Там на корзо куде Наму
– Фати ме на дело
– Срам ќе нѐ изеде
– После свадба тапани
– Удри бригу на весеље
– Ама памет не дојде
– Со душа живот украси

Промоцијата продолжи на дружбата постфестум, со Билјана Крнческа, со Јована Јо, со Вања Најденова, со Елеонора Ели Божанова, со Ѓоко Ѓорчев, со Горан Милошески Бато и Лени Партикова

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.