По повод 23 Април Светскиот ден на книгата и авторското право вчера во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид се одржа посебна свеченост на која беа прогласени најчитателите за 2022, најчитаните автори и дела а на над 30 донатори на книги им беа врачени благодарници.
Со мисла од големиот Цицерон дека „Еден дом без книги е како тело без душа“, најчитателката во возрасна категорија избрана од страна на охридската Библиотека, Силвија Крстевска која во 2022 прочитала 91 книга упати апел до младите да читаат:
-Читањето е отворен прозорец кон светот и апелирам младите да читаат. Љубовта кон читањето се роди уште од мали нозе и истата ја пренесувам на помладите генерации, моите деца кои читаат. Би апелира младите да читаат, помалку да поминуваат време на интернет. Интелегенцијата се гради со читањето. Од литературата читам и роднокрајна, странска, трилери, секаков вид романи. Затоа и апелирам кој каква литература сака нека чита, само да се чита, рече Крстевска.
Втора најчитателека е Ѓурѓица Данеска со 86 прочитани книги за една година а трета е Јорданка Митаноска која во 2023 прочитала 69 книги.
Во детското одделение Бисера Ангелоска со прочитани 44 книги е најчитател кај децата од основните училишта за 2022 година.
Анастас Секулоски е втор со 34 прочитани книги а трета е Бисера Радеска со 18 прочитани книги.
Најчитани наслови од македонската литература за возрасни се „Не одам никаде“ од Румена Бужаровска, „Тунел“ од Петре М. Андреевски, „Луна“ од Винка Саздова, „Девојчето со седа коса“ од Магдалена Елмазовска и „Резервен живот“ од Лидија Димковска.
Најчитани наслови од македонската литература за деца се „Дај шанса на детето“ од Викторија Бадаревска, „Возила за помош и спасување“ од Даниела Божиновска, „Деби ми го разбуди бувчето“ од Жаклина Мучева, „Белото циганче“ од Видео Подгорец и „Големи и мали“ од Бошко Смаќоски.
Од Библиотеката соопштуваат дека годинава финансискиот фонд за набавка на нова домашна и странска литератрура изнесува 450.000 илјади денари кои за оваа намена веќе ги издвои со Годишната програма за работа на Библиотеката ресорното Министерство за култура. Првиот контингент од нови книги веќе се обработува и за
околу една недела ќе се најде на полиците во Библиотеката. Од оваа Установа велат дека бројот на читатели секојдневно се зголемува а тоа е резултат на зголемените промотивни активности, набавната политика и честите средби со граѓаните и бројните настани кои привлекуваат различна категорија сограѓани.
На свеченоста беа прочитани македонската порака која по повод Светскиот ден на книгата и авторското право ја напиша проф. д-р Ана Стојаноска, како и светската порака од г-ѓа Одре Азуле, генерален директор на УНЕСКО.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.