НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид во рамките на „Прличевите беседи“ со традиционалната „Прличева визита“ на 6 февруари од 13.00 часот ќе ја одбележи 132 годишнина од смртта на патронот.
Оваа година минува во знакот на уште два други датуми 195 годишнината од раѓањето на Прличев и 160 годишнината од изборот на поемата „Сердарот“ за најдобра на конкурсот во Атина.
По изведбата на стихови од поемата „Сердарот“ обраќање ќе има в.д. директорката на Библиотеката Христина Трпеска по што ќе следи видео интервјуто со проф. д-р Георги Сталев – Поповски првиот препејувач на поемата „Сердарот“ во форма на стих на македонски. Автор е м-р Милчо Јованоски.
Беседата „Ние и Прличев“ од проф. д-р Александра Ѓуркова ќе ја прочита професор Марија Стрезовска.
Александра е потомок на Прличев по ќерка му Деспина, исто како и нејзината мајка Лилјана Минова- Ѓуркова е македонист, лингвист и искрен продолжувач на делото на својот славен предок Прличев- Вториот Хомер.
Библиотеката на академик д-р Миле Д Миќуновиќ и проф. д-р Зоран Тунтев ќе им додели признанија за континуирана соработка и поддршка на установата.
Настанот ќе биде заокружен со доделувањето на наградата од третиот по ред Конкурс за најдобра беседа на млад автор до 30 години на тема: „Чувај се себеси“. Жирито за најдобра ја прогласи истоимената поема, дело на младата Ева Ивановска од Делчево. Ќе следи образложението на жирито обраќањето на добитничката на наградата и читањето на беседата.
Традиционално „Прличевата визита“ ќе заврши со локум , суво грозје, леблебија и охридска староградска песна.
Манифестацијата „Прличеви беседи“ е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам и Општина Охрид.