Прикажан музичко- документарниот филм “The Hip- Brainstorm” на „ГИГА Фест”

1.08.2024

На третата фестивалска вечер од мултимедијалниот фестивал “Гига Фест 2024”,која се одржа на платото пред Градскиот музеј во Крива Паланка, беше проектиран долгометражниот музички документарен филм “The Hip- Brainstorm” во режија на Јане Алтипармаков.
Станува збор за документаристичко ремек-дело, задолжителна филмска лектира за љубителите на музиката и филмот. Автор на оригиналната идеја на „The Hip- Brainstorm“ е Љубиша Петрушевски, продуцент и монтажер Михаил Димитров, звучниот дизајн е на Валентин Видовиќ. директор на фотографија е Наташа Гелева, а снимател Ања Илиева.
По проекцијата беше одржана дискусија со режисерот Алтипармаков, продуцентот на филмот Димитров и директор на фотографија Гелева, а настанот го модерираше Клементина Ристовска.
Јане Алтипармаков е филмски работник, музички критичар, арт-теоретичар. Потписник е на стотина текстови од областа на филмот, независната музичка сцена и културата, објавени во бројни домашни магазини, дневни весници и портали. Како режисер и продуцент се потпишува на повеќе документарни филмови, кратки форми и видеозаписи. Добитник е на наградата за особен придонес и развој на македонската алтернативна сцена (The Hip-Reality Overdrive) и на специјалната награда за музички филм (The Hip-Brainstorm). Работи и како фото- документарист, а ова беше прво запознавање на кривопаланечката публика со неговото творештво.
Годинава, „ГИГА Фест“ е дел од Кривопаланечко културно лето и манифестацијата „Крива Паланка- Град на културата 2024“.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.