Последната премиера во Театар Комедија за 2023 година е закажана на 30 декември (сабота), со почеток во 20 часот, на големата сцена во театарот. Станува збор за пиесата „Череп во Конемара“ од светски познатиот драмски писател и филмски работник, Мартин Мекдона, а во режија на Јане Спасиќ, кој е воедно и преведувач на драмите на Мекдона на македонски јазик, заедно со драматургот Горјан Милошевски.
Како и на сите претстави во продукција на Театар Комедија, така и во подготовката на „Череп во Конемара“ учествуваа докажани и врвни театарски работници: Валентин Светозарев (сценограф), Ивана Каранфиловска Угуровска (костимограф), Дарија Андовска (автор на музиката), Марија Ѓоргиевска (асистент на костимографот), Нурјамет Рушити (инспициент) и Весна Куковска (суфлер). Во претставата играат актерите: Сергеј Димоски (во улогата на Мик Дауд), Елена Кузманов (како Мериџони Раферти), Виктор Арсов (како Мартин Хенлон) и Тони Денковски (полицаецот Томас Хенлон).
Мартин Мекдона (1970) е препознатлив по својот апсурдистички црн хумор во драмските текстови и во филмските остварувања. Неговите најуспешни пиеси се сместени во Западна Ирска и се напишани на ирски идиом. Комбинацијата од руралните ирски предели и изместениот урбан сензибилитет им дава мрачен, насилен и смешен призвук на неговите дела.
Пиесата „Череп во Конемара“ е дел од трилогијата „Линејн“ и првпат е поставена во 1997 година во Градскиот театар во Голвеј. Дејството е сместено во рурално место во околината на градот Голвеј, во областа Конемара, каде што живеат навидум богоугодни и длабоко религиозни луѓе. Недолго по разменувањето на првите реплики, се открива дека, всушност, ликовите се неморални, лицемерни, злобни, а дека Конемара е место каде што владее безвластие, па и најситна кавга или зајадлив коментар може да поттикнат насилство, па дури и убиство.
Мик Дауд е средовечен вдовец кој еднаш годишно, наесен, добива задача од локалниот свештеник да ги откопа останките од мртовците на гробиштата за да направи место за новите покојници. Заплетот се случува кога ќе добие задолжение да го ископа гробот на својата сопруга и кога ќе сфати дека гробот е празен. Мекдона го пародира паланечкиот дух користејќи морбиден хумор и гротескно карикирајќи ги негативните човечки особини. Неговите ликови се вулгарни, корумпирани, зависници, насилници… што кај читателите и гледачите на неговите пиеси попрво предизвикуваат сожалување, отколку осуда.
Режисерот Јане Спасиќ четврти пат работи на текст од Мартин Мекдона, а за последниот ангажман во Театар Комедија вели: „Сè што ќе кажам за оскаровецот Мартин Мекдона и еден од најбрилијантните драматурзи во моментов ќе биде излишно. Публиката веројатно веќе го познава неговиот сензибилитет по неговите филмови ’Трите билборди пред Ебинг, Мисури‘, ’Во Бриж‘, ’Седум психопати‘, како и последниот, ’Тажачките на Инишерин‘, кој од сите овие филмови има најслична атмосфера со ’Череп во Конемара‘.
И во оваа пиеса, како и во сите негови филмови и драмски текстови, има беспрекорно напишани карактери, пресврти и апсурден црн хумор, кој ќе им се допадне на оние со специфична смисла на хумор. Претставата постојано се движи помеѓу комичното, темното и апсурдното. Динамиката често преминува од бурни моменти на смеа до тензични откритија и закопани тајни.
Ова ќе биде моја четврта средба со Мартин Мекдона и мило ми е што токму во Театар Комедија ќе ја комплетирам трилогијата ’Линејн‘. Претставата ја работев со млада и енергична екипа, со која се надеваме дека на публиката ќе ѝ приредиме еден одличен емотивен ’ролеркостер‘, кој им пркоси на традиционалните жанрови“.
Претпремиерата на „Череп во Конемара“ ќе се одржи на 29 декември, а следната изведба е предвидена на 26 јануари 2024 година.
Со премиерата на „Череп во Конемара“ Театар Комедија ја спушта завесата на својата повеќе од успешна 2023 година, во која реализира пет премиери [„Веќе не е ни смешно“, „Ревизор“, „Ало, ало!“, „Демнејќи го Годо“ (во копродукција со Турскиот театар од Скопје) и „Череп во Конемара“], угости повеќе од 28 илјади гледачи на 109 репертоарни изведби и ја објави и ја промовира книгата „Етика: Уметноста на глумецот и на режисерот“ од Константин Станиславски, поставувајќи си повисоки цели за следната, 2024 година.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.