“Во воздухот се насетуваат стихови кои ширум ги отвориле прозорците, ја ослободиле куќата од сите врати, го откорнале прагот и сега слободни и свои се закануваат да се рашират во секоја пора на градот. В сабота, треба да бидеме подготвени да ги прифатиме овие бунтовни зборови и да склучиме примирје. Време е! Оти, кога не знаевме, не умеевме да видиме и да слушнеме, си свртевме грб, се напуштивме и…”,
со овие зборови модератор на настанот Силвана Димитриевска ја најави промоцијата на поетската книга “Љубовта се исели и ја продаде куќата” на Емељ Туна, која ќе биде промовирана во сабота, 21.09.2024 во кафулето Plato Amanda Coffee во Скопје.
Поезија од оваа стихозбирка ќе чита Биљана Стојановска.
Промоцијата е закажана во 18 часот.
И ЉУБОВТА ЈА ПРОДАДЕ КУЌАТА
Светот од темел се измести,
а јас прашинките соништа од аглите
со правосмукалката сеуште си ги собирав,
во ѓубриштето во главата бубачките од таванот
си ги чував, потхранував,
со метличе и лопатче збирав,
на друго место не живеев
или веќе некое време не постоев,
кога точно починав? –
не ме известија.
Aма сеуште редовно собирав,
монструмите во подрумот ги складирав
во главата слики и мисли врамував,
требаше изгледа малку да се размисли,
или не требаше многу да се мисли?
дежаву во заглавена матрица
од стари спомени,
ова ли се тие последните минути и секунди?
куќата во оваа реалност
ми е руина од ѕидови и темели
и мириса на застојан воздух
од неповратни прилики…
кога ќе се вратам?
– нема најави
некој ми остава порака
на стаклената порта со излитена адреса,
ама нема веќе некое време никој дома
љубовта пред некое време
ја продаде куќата.
Емељ Туна