„Поетски паралели“-зборник на поети од Македонија и од Германија

Во издание на Здружението за наука и култура „Нова“ од Битола, неодамна е објавен поетскиот зборник „Поетски паралели“. Станува збор за книга во која со избор поезија се претставени седум македонски автори од Здружението НОВА од Битола, Македонија и седум автори од здружението „7-ка“ од Франкфурт на Мајна, Германија.
– Песните во зборникот се мотивски и стилски различни и на таков начин посочуваат на поетските преокупации на авторите, предавајќи една колоритност на идеи, видувања, поетски пораки кои во суштина се обединуваат во поривот за уметничко создавање, како MIMESIS, како радост, како среќа- пишува во предговорот приредувачката на овој зборник м-р Мирјана Стојановска.

Со по пет песни застапени се поетите и поетесите: Мирјана Стојановска, Весна Мундишевска Велјановска, Филип Димкоски, Ленче Милошевска, Петар Петрески, Љерка Тот Наумова, Никола Јованоски, Љубиша Симиќ, Славица Панзаловиќ, Драгица Шредер, Злата Икановиќ, Сенка Павловиќ, Вања Чобанов и Даница Дана Додиќ.
Препевот на македонски јазик на застапените автори од Германија е на м-р Ленче
Милошевска, лектурата е на Марина Геческа-Василевска, а внатрешното уредување и дизајнот на корицата го направи Весна Мундишевска Велјановска.

Изданието се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република  Македонија.

Филип Димкоски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.