Скопје 23.03.2023
Во чест на Светски ден на водата, кој со одлука на ООН од 1993-та се одбележува на 22 Март, поетот Илко Димитриевски познат и како Илко Шарпланинец, во градската кафеана “Пелистер” одржа поетско матине со неколку поети и уметници.
Илко, по осамостојувањето на Македонија, станал прв директор на една наша позната компанија за минерална вода, но неговиот култ кон водата е многу поширок, и, на поетски план таа претставува голема инспирација. Тоа природно богатство- нашите чисти и бистри води, тој го претвора и во поезија. И, ќе рече:
-За среќа покрај Шарпланинец јас ги користам и другите псевдоними врзани за светли точки на мојата татковина, како што е Поток- Поточки, како што е Вардар- Вардарски како што е Водњански и таканатаму. Што би рекол другар ми Иван Хуската “ќе те кандидирам за човек со најмногу имиња”. Но, не се тоа имиња. Јас сум поет, сум се определил, сум ја прифатил оваа обврска да бидам поет и да ги возвишувам точкиве кои постојат, кои се реални. Според Шара ме нарекле Шарпланинец. Инаку, Шара е нашата волшебница. Тоа е единствена планина која има повеќе езера од реки, има 27 езера, а 25 реки. Тоа е местото на раѓање на Вардар, култното место, а јас сум тетовец, роден под Балтепе на Поток и симболиката на Потокот кој се влева во Пена, па во Вардар, и кој понатаму се влева во Егејот, а тоа е моја инспирација….
Иако е тетовец кој живеел во Охрид (а сега во Скопје), во периодот кога станал директор се преселил во Битола.
”Курделес” е тајна кога нѝ ја одгатнува во својата истоимена збирка со необичен и загонетен наслов, за која раскажува:
-“Курделес” е впрочем река која многумина ја знаат. Јас станувам директор во Битола и го запознавам овој извор, кој извира од Дихово, Лавци, Брусник од делови каде што е и Драгорот кај што извира. Ете тој дел сакав да го воскреснам, инаку е чиста поезија во која имаше некоја убава песна. Брусник е и родното место на генерал Васко Карангелевски, мојот ментор, нѝ раскажа поетот.
Шарпланинец, вљубеник во поетскиот збор, освен што има издадено повеќе книги, неколку години успешно ги водеше поетската манифестација и зборник “Маџирмаалски поетски бранувања”.