Со проекциите на документарни филмови на 3 и 4 септември во Виница и Пекљани заврши годинашното Патувачко кино на „МакеДокс“, кое се одвиваше во викенд-формат во текот на јули, август и септември и посети седум населени места во Источниот плански регион на државата. Проекцијата во Виница се одржа на 3 септември пред Домот на културата „Тошо Арсов“. Градот Виница е најпознат по Виничкото кале, бројните археолошки локалитети и фантастичните ранохристијански теракотни икони. На културен план позната е манифестацијата „Ин Виница веритас“. Во тивкиот, мирен и питом амбиент на градот Патувачкото кино на „МакеДокс“ најде срдечен прием, а покрај многубројната млада публика меѓу посетителите на проекцијата беше и Асан Алиу, поранешен кинооператер на некогашното кино во Виница. Алиу уживаше во проекцијата на документарни филмови, но се потсети и на времето кога тој ги менувал филмските ленти на проекторот во киното што веќе 15-ина години не работи.
Селото Пекљани (Пеклани) се наоѓа на околу 12 километри југоисточно од Виница. Сместено на падините на Обозна Планина селото е постојано населено уште од времето на Османлиското владеење. Во селото има и црква и теќе, но и споменик од НОБ. Во овој период се населени околу 150 куќи, а проекцијата на Патувачкото кино се одржа во дворот на подрачното училиште „Никола Парапунов“.
Најубави чувства кај екипата на „МакеДокс“ се создаваат кога целото село ќе дојде на проекција. Меѓу посетителите го сретнавме актерот Столе Мицов од Театар Комедија. Тој ни откри дека по потекло е од Пекљани, средно училиште завршил во Виница, а Факултет за драмски уметности во Скопје. Откако почна пандемијата на коронавирусот многу често е во своето родно место, а почнал да сади и лешници.
– Досега тоа не го разбирав многу, но откако почна пандемијата најголем дел од времето сум во Пекљани, тука се моите родители и мојот вистински роден дом, а тоа многу ми значи – открива Мицов.
По завршувањето на проекцијата, ѕвезденото небо над Пекљани беше сведок на разговорите помеѓу мештаните и екипата на Патувачкото кино до доцна во ноќта.
Патувачкото кино на „МакеДокс“ оваа година го смени својот формат и се одржа во четири викенди во различни месеци од летниот период. Покрај Пекљани и Виница, проекции имаше и во Кратово (25 јуни) и с. Шлегово (26 јуни), две проекции во Штип (2 и 3 јули), како и во Кочани (9 јули) и Оризари (10 јули). Патувачкото магаренце на „МакеДокс“ се врати во Скопје и веќе размислува за следните патешествија на 13-тото издание следната година.
Патувачкото кино на МакеДокс 2021 е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Општина Кратово, Општина Кочани, Општина Штип, Општина Виница и Центарот за развој на Источен плански регион.
Медиумски покровители на Патувачкото кино и фестивалот „МакеДокс“ се Слободен печат, Нова Македонија, МТВ – Прв програмски сервис, МКД.мк, УМНО, СДК.мк, Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-Магазин, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Плагиј.ат, Его, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк и Лице в лице.
Сите активности на Патувачкото кино на „МакеДокс“ се одвиваа согласно протоколите за одржување на културни настани во време на пандемија.
Инаку, да потсетиме во август се одржа 12. издание на „Македокс во Скопје “, а заврши со прогласувањето на наградените филмови, проекцијата на долгометражниот документарец „Хелмут Њутн: Лошите и убавите“ на Геро фон Бом и концертот на Тони Китановски и неговиот бенд во рамките на „Ноќни приказни“.
На овогодишното издание на „МакеДокс“ беа доделени пет награди и четири специјални признанија. Жирито за наградата „Кромид“ за најдобар филм од главната програма во состав Адел Кохут, Едима Отуокон и Хеле Хансен наградата ја додели на „Рентгенска снимка на едно семејство“ на Фирузе Хосрованис со следното образложение: „Преку својот брилијантен наративен стил, таа мајсторски го испреплетува архивскиот материјал од минатото со сопствените семејни слики и писма, додавајќи ги нивните недоследности и недостатоци, па оттаму ја расплетува приказната на неодоливо привлечен начин што овозможува подлабоко разбирање“.
Специјално признание во Главната програма доби „Гунда” на Виктор Косаковски, бидејќи „ни дава увид, причина за размислување и набљудување на нашето однесување како луѓе. Направен со голема почит и љубов кон животните, овој филм нѐ импресионираше и нѐ трогна. Зачудувачките визуели на Гунда директно го прикажуваат животот на животните, потсетувајќи нѐ дека животните навистина си имаат свој јазик и дека ако човештвото сака да опстане, ќе мора да слуша“.
Наградата „Млад кромид“ во категоријата „Нови автори“ комисијата во состав Викторија Лешченко, Кристин Камдесу и Марион Шмит ја доделија на „Дида“ на Никола Илиќ и Корина Швингрубер Илиќ, додека Специјално издание доби филмот „Помирување“ на Марија Зидар.
Најдобар краткометражен документарен филм и добитник на наградата „Сечкан кромид“ според комисијата во состав Ивана Тодоровиќ, Маја Новаковиќ и Микеле Сини е „Играта“ на Роман Ходел, бидејќи „режисерот нуди нова перспектива на фудбалот, неверојатни визуели и аудио елементи проткаени во емотивна човечка приказна“. Специјално признание доби „Парченце рај“ на Анджеј Сичоцки.
Наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм ја доби „Веќе никаде не се чувствувам како дома“ на Вив Ли, а жирито во состав Јулија Коваленко, Питер Зах и Ингибјорг Халдорсдотир потенцира дека „овој филм ни даде можност да искусиме длабока тага и носталгија кон домот, комбинирајќи го тоа со иронични моменти“. Специјално признание во студентската програма доби „Си беше еднаш една младост“ на Иван Рамљак.
Наградата за филм со најдобри етички идеи ја доби „Луѓето од гаражите“ на Наталија Јефимкина, а жирито во состав Кристина Горовска, Танкред Ривиер и Ацо Палитов образложи:
-Сакавме да оддадеме почит на скромноста и интелигенцијата со која филмот ја опфаќа оваа галерија на животи кои се чини дека лесно се осудени на презир и заборав. Преку враќањето до ДНК-та на документарниот гест, Наталија Јефимкина трпеливо ја преведува на платното органската реалност што ја набљудува. Таа секогаш ги почитува ликовите со нивниот природен ритам, никогаш не ги поедноставува сложеностите на нивното постоење, ниту ги истенчува бројните слоеви на нивната реалност, и никогаш не ја користи нивната оригиналност ниту нивната чудност со цел да манипулира, осудува или да се исмева. На овој начин таа прави многу повеќе од тоа што ни ги претставува овие животи; таа се бори против искушението светот што ги опкружува да не ги помеша овие „луѓе од гаражите“ со луѓе од „ѓубрето“. Наместо тоа, таа ни покажува, зад секоја од овие скромни врати, постојано рециклирање на нештата, животот, креативноста, љубовта, спомените и прашањата. Таа нè потсетува дека колку и да ни се ограничени нашите човечки искуства во времето и просторот, сепак тие содржат големи резерви на достоинство, и дека тоа достоинство е истовремено скапоцено, кревко и убаво – стои во образложението на жирито.
Дванаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, Град Скопје, Гете институт Скопје, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Украина во Република Македонија, Здружение на Украинци во Република Северна Македонија во име на Лесја Украинка, Норвешка амбасада Белград, Норвешки филмски институт, Француски институт Скопје, Амбасада на Кралството Шпанија, УНИЦЕФ, СПОНА, Амбасада на Република Чешка и Чешки културен центар Софија.
Партнери на 12. МакеДокс се „Петра Пан филм продакшн“, Младински културен центар, Кинотека на Македонија и мрежата на документарни филмски фестивали „Doc Around Europe“.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.