Во издание на „ВиГ Зеница“ од Скопје излезе од печат збирката раскази и новели, „Парадоксикон“ („ПараδΩξicoN“), најновото дело на авторот Томислав Османли. Книгата е со поднаслов „фантазии, очудувања, каприча, фарси и гротески, парадокси во проза“.
„ Дванаеетте, главно долги прози, без задршка шибаат по современата отуѓена стварност. Авторот на „Парадоксикон“ ги открива гротескните и фантастични суштини на современото секојдневие соголувајќи ги актуелните начини на отуѓување. Тој живописно, комично и едновремено горчливо говори за деперсонализацијата, егоизмот, сексизмот, меркантилноста, профитерството, социопатијата, консумеризмот…поконкретно – за парцијализираното, некомплетно, осиромашено, на пати и крајно извитоперено, тажно „човекување“ на индивидуата во современото пред сѐ наше, но и универзално општество, вели писателот и издавач Глигор Стојковски.
Ова време – вели авторот Томислав Османли – произведува нови форми на отуѓувања и на изневерувања на човечката индивидуална и колективна сушност. Конкретно, прозите на „Парадоксикон“ се повести за современите бегалци – светски талкачи од Блискиот Исток, за домашни правно невидливи лица, за исчезнати луѓе заталкани во некоја субјективна и подобра реалност, за бебиња најдени во контејнери, за една дезинтегрирана и неемпатичка цивилизација која им робива на потрошувачките вредности и на личното „ego“ од секаков вид, од меркантилниот, сексуалниот, властољубивиот, до административниот.
Книгата „Парадоксикон“ на Османли е критика која доаѓа како сила на отпорот, токму од спротивниот етички пол, од неотуѓениот и човекољубив морал на еден интегрален и интегриран карактерен и литературен идеал.