На 20 и 24 декември 2024 година со почеток во 20.00 часот на големата сцена на Националната опера и балет ќе се изведе балетската претстава во два чина „Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус, во кореографија на Виктор Јаременко од Украина.
Диригент на претставите e гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, сценограф е Андреј Злобин, додека под костимографијата се потпишува Гана Ипатиева од Украина, концерт- мајстор е Климент Тодороски.
Во улогите на Китри и Базил на 20.12.2024 ќе настапат Христина Наќевска и Балаж Лочеи (Унгарија), а на 24.12.2024 ќе настапат: Наташа Трендафилова Гицев и Виктор Ишчук (Украина) Настапуваат солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет заедно со деца од балетскиот оддел на ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“.
„Дон Кихот“ е волшебна приказна за ветерници, „совршената“ жена и вистинската љубов. Балетското дело е поставено на музиката на Минкус со експресивно темпо кое резултира со познатото „Дон Кихот Па де де“, кој дава акцент на целата претстава.
Kомпозиторот и виолинист Лудвиг Минкус (1826-1917) напишал неколку популарни балети, а речиси сите од нив, а особено балетот „Дон Кихот“ и денес се изведувани низ целиот свет. „Дон Кихот“ е балет базиран на познатиот истоимен роман од Мигел де Сервантес.