Охридско лето 2020- Драмската програма отворена со претставата „Сестрите прозорови„ од Велешкиот театар

Драмската програма на 60-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ беше отворена вчеравечер во предворјето на црквата „Света Софија“ со театарската претстава „Сестрите Прозорови“ во изведба на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес.

Коавтори на овој проект се в.д директорот на Велешкиот театар, Сашо Димоски и актерот Васил Зафирчев кој исто така е дел од овој ансамбл.

Според писателот и доктор по драмски уметности, Сашо Димоски, процесот на создавање на претставата „Сестрите Прозорови“ бил мошне напорен, бидејќи како што појаснува, освен документаристика и авторски текстови, голем дел од материјалите произлегле директно и од самите актери.

За актерот и коавтор на проектот, Васил Зафирчев, изведбата на претставата токму на сцената во предворјето на црквата „Света Софија“ е посебна зашто како што вели тој, потсилува одредени контексти во неа, особено оние коишто се однесуваат на прашањето на Бог.

Во драматуршкиот и режискиот концепт на претставата „Сестрите Прозорови“ е вметнат уште еден лик, ликот на докторот или психијатарот којшто на некој начин ги лекува четворицата протагонисти избегани од драмата на Чехов и сместени во денешна лудница.

Публиката на „Охридско лето“ во предворјето на „Света Софија“ уживаше во маестралната изведба на актерите Кети Борисовска, Маја Љутков, Славица Манаскова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски.

Со театарската претстава „Сестрите Прозорови“ вчеравечер беше промовирана и шестата книга на Сашо Димоски „8/4“ во издание на издавачката куќа „Култура“.

-Станува збор за збирка театролошки  студии со многу фотографии и испечатена на два јазици, на македонски и англиски. Еден од текстовите е посветен токму на претставата „Сестрите Прозорови“ и во него е претставен самиот процес на нејзиното создавање, додава драматургот и писател Димоски.

И втората вечер од годинашното издание на фестивалот „Охридско лето“ се одржа согласно протоколите за здравствена заштита наметнати од пандемијата на корона вирусот.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.