ОД МОЈ АГОЛ: Од 51 до 15, и назад!


“Танцувај како Русија да не те гледа”
е метафорична шега која се однесува на тоа колку сме ние следени во сѐ и не ја сфаќам како политичка, мене ме засмејува бидејќи за мене важи конкретно. Кога јас некаде танцувам се однесувам буквално како никој да не ме гледа, и дури следниот ден кога ќе се расонам се прашувам- “Личеше ли тоа моето така?”
Се губам некаде низ Космосот кога танцувам, танцувањето ме ослободува, тоа е мојата голема љубов. На 15 години станав членка на КУД “Таше Милошевски од Ресен” и едвај чекав да имаме проба, во среда, петок и сабота, да одиме на турнеи, а една деценија потоа обидот да станам балерина на модерен џез балет пропадна брзо, откако на нејзина покана почнав да одам кај милата Гордана Деан Поп Христова во “Ребис”, сѐ додека по еден час во ходник не ме сретна еден поп пејач кој си ја чекаше својата мала ќерка, и ме праша зачудено “Што бараш ти тука?”. Некако ме засрами и направи да се помислам несоодветна за танцување со моите 30 години. Но желбата остана.

Уште го помнам она лудо танцување со стомачни танци на еден роденден на саканата Есма во бифето на Драмски театар, кога се натпреварував со танчарки кои беа како памук. Јас, и тие, признавам беше невозможно. Ама давав сѐ од себе.
Не знам дали е за пофалба или, што мислите, кога се подготвував за “Новинарите пеат” и за веселата “Лидуду” побарав да се ангажираат танчари, организаторот Бобан Без пардон ми даде број, јас не дочекав следниот ден, туку на инструкторката од “Ребис” без пардон ѝ телефонирав во истиот миг, а точно 15 минути пред полноќ. Силен адреналин ме мавна дека ќе танцувам на сцена со врвни млади танчари, на сцена лебдев во занес во бестежинска состојба кога околу мене четворица танцувачки принцови ми даваа сила на божем божица на танцот.
Тоа помина и моето танцување си остана на “по потреба и зависно од ситуација”, но жарчето ми тлее.


Невежбањето моето некогаш вајано тело го направи тромаво, замрсено, непрепознатливо, што е јасно, и на млади деца да ги оставиш да не трчаат, вежбаат, танцуваат и тие би станале тромави, а не камоли на мои години. За време на карантинот имав среќа да наидам на онлајн јога часови со Билјана Пешева, повежбав колку можев но и тоа траеше кратко, се исклучив и откажав.
***
Неодамна добив маил од Центарот за нова иницијатива во уметноста и културата -“Локомотива” за култренинг, предавање на танц, ме усреќи што ќе можам да одам и да слушам предавање на професионална кореографка (така сфатив), а тоа што беше нагласено да си понесеме лесна облека и обувки, помислив дека ќе биде врзано со нешто како на крај да покажеме како ние танцуваме, во некои пет минути.
Си велам- “Кога некој ти подарува бесплатно такво задоволство и обука, нешто за кое се подготвувал со години, а тебе ти го дава своето знаење на дланка, редно е да ги испочитувам онака како што замислиле и како што нѝ сугерираат”.
Ништо од моеото замислено. Влегов десеттина минути со задоцнување, кога танчарите беа во круг и правеа некои вежби, ги облеков обувките и ѝм се приклучив, ми направија место во кругот. Кога погледнав, што да видам- прекрасни млади лица, тинејџери, професионални танчари кои тануваа занeсно со инструкторката со Тереза Лазарев, „Sensitive Body“. Вежбавме слободни движења, а јас малку по малку се опуштав и ми годеше нивната спонтана одушевеност која мислам повеќе се однесуваше на мојата возраст, но по половина час и тоа се стопи и стана “нормално”. Вежбавме и замислете кога дојдовме до оној дел во кој еден танцува во центар, а сите околу него со слободни движења го допираат неосетно, јас буквално влегов во филм дека сум светска мега ѕвезда од типот на Мадона или Кајли Миног, во кои таа е главна танчарка а танчарите околу неа ја надополнуваат магијата.
Допирите за време на арт перформанс не се тоа што не дај боже може да се помисли лаички, и се грозам не сакам ни да помислам. Кога си во група, па дури и на турнеја со играорна, имало ситуации кога се пресоблекуваме машки, женски (во зависност од тоа дали има одделна пресоблекувална или или не) никој не те гледа, и никој не го доживува туѓото тело на еротски начин. Повеќе би рекла како жив реквизит за остварување на своите танчарски амбиции, на кое безрезервно ѝм се препушташ.
Моето прво танцувачко искуство по толку години резултираше со тоа што на крај со младата прекрасна германка Штефани изведовме точка која сами некако ја замисливме, таа е кукла која може да се движи со нозе, а јас со раце, и некако се надополнувавме- ја скаменував, ја сопирав, ја навивав, и ја магосував, а таа успешно ги следеше сите мои танцувачки команди и добивме силен аплауз од сите професионални танчари и балерини и балетани. Ми годеше до степен да се убедам дека почнувам нова фаза.
Втората покана за тренинг, ја прифатив со летање.
Ако издржав во првиот тренинг неочекувано да танцувам три часа, сега се најавени два часа и ќе издржам и помислив, ама одејќи натаму јас бев јас- споро чекорев и јадев баничка. Ама, во себе носев надеж која ме грееше.
А од пуста желба да не задоцнам се качив на приградски автобус и со две картички за сигурно, и двете не отчукаа па бев принудена да се симнам на следната постојка во трафиката да видам што е со картичките (а тоа било затоа што апаратот во автобусот не се префрлил од приградска на градска зона ), и така изгубив некои 20-тина минути.
Стигнав, и кога се приклучив на групата во салата, инструкторот беше машко. Познатиот Бобан Русески. И околу него не толку “крцкаво” млади, имаа накај 30, па можеби и повеќе години. Танцував, се движев слободно, се радував како дете и тамам си помислив- “Па зошто да не доаЃам редовно, зошто да не бидам танчарка, сега сме друго време, што имаат врска годините?”
И гледај, во истиот тој миг се случи чудо, инструкторот нѐ собра околу себе и како да ги прочита моите мисли рече- “Танчар и танчарка може да биде секој, независно од возраста. Годините не се важни, не мораш ти сега како некогаш, да направиш 16 пируети и шпага за да бидеш танчар. Доволно е да имаш однос кон себе”.
Еве. Тоа е она што ме интересираше. Одговорот на моето прашање стигна, како да го повикав некако на чуден начин и во истиот миг цврсто решив да станам танчарка. Овој пат е се поинаку од некогаш. Немаш кореографија, никој не ти кажува што треба да правиш, сам си одлучуваш, се движиш како ти сакаш, правиш движења со раце, нозе, глава, врат, имаш целосна слобода.

И тоа само што си го помислив, кореографот нѝ донесе неколку статуи: “еве изведете што сакате, правете со статуата што сакате, танцувајте, кревајте ја, вртете ја, зборувајте и, па и да се скрши никому ништо”.
Јас одбрав партнер, првата статуа до мене, кој решив да го убедувам да танцуваме. Малку со пантомима, малку со глума, малку со обраќање, и на крај со танцување. Му мешав, му скокав, му се вртев, го заведував повикувачки. Тој не реагираше. Па, статуа е, нема ни раце, ни нозе, само глава и труп.
-Оживеј и заиграј со мене, му велев изговарајќи му со уста без глас.
На крај, самата музика ја разви нашата приказна, почна валц а јас го поканив на танго, поточно го грабнав во раце, го кренав и го вртев. И тој беше задоволен, почувствував. Потоа истата точка ја изведов за крај. Аплауз добив.
Време е да побарам број од кореографот и да го прашам кога следен пат. По трет пат беа прочитани моите мисли и тој рече- “Со танц може да се занимава секој, и на било која возраст, и ние оформивме таква обука повозрасни, но за жал се затвори, поради слаб интерес”.
Не, тоа не смее да се случи. Сега кога решив да станам професионална танчарка, да танцувам на сцена и да влезам во претстава со своја танцувачка точка. Па јас кога танцувам ги менувам бројките и имам само 15 години. Мојот дух е млад, мојот дух преполн со оптимизам и надежи. Луѓето танцувале уште пред да почнат да зборуваат. Тоа ѝм бил првиот “јазик”. И за сите ист. Се разбирале со движења.
Што е важното? Танцот ме транформира. Се чувствувам како Џони Мнемоник, почнувам годините да ги бројам назад. Мојот живот како да почнува да го врти својот бројчаник наназад, јас се подмладувам, а мојата надеж оди нагоре.
Сакам и да танцувам врз нечии чувства јас ќе одлучам кому. Сакам да станам приватен танчаер.
Исто како во песната на Тина Тарнер. Убаво е нели, провоцира.
…I’m your private dancer, a dancer for money
I’ll do what you want me to do…

Сакам да се најдам и во претстава со танцување. Дотогаш ќе вежбам. Нема каде, нема како. Но, ајде да создадеме услови за тоа, во градот кој брои речиси еден милион и е метропола, ние, кои сме слични, можеме да си го дозволиме ова сопствено (д)оживување.
Професоре Русески, кога е следниот час?


Валентина Ѓоргиевска Парго
независен новинар, уредник во “Куларт” и идна професионална танчарка

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.