Објавен романот „Водата во езерото никогаш не е слатка“ од Џулија Каминито

Скопје, 05.11.2022

„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Водата во езерото никогаш не е слатка“ од современата италијанска писателка Џулија Каминито, во превод од италијански јазик на Анета Симовска.
Роман „Водата во езерото никогаш не е слатка“ (2021) лани беше финалист на меѓународната награда „Стрега“, добитник на „Стрега оф“ и на наградата „Кампиело“. До појавата на ова македонско издание, правата за превод на романот беа продадени во 21 земја. Ова е прв превод на дело на Каминито на македонски јазик.
Џулија Каминито во Водата во езерото никогаш не е слатка ја раскажува приказната за една непријатна реалност, невидлива за многу современи писатели, но којашто удира без удари. Гаја и нејзиното семејство живеат во сиромаштија, се чувствуваат како да пловат во најматната вода, без надеж за бегство или подобрување на условите и животот. Но, тоа не е единствената движечка сила на овој роман. Неговата смела, искрена приказна ги отсликува вознемирувачките, неодговорени прашања на главниот лик и го открива лицемерството на инертното и изопачено општество.
Приказната во романот во основа е социјална, тешка и мачна, но искрено и реално раскажана од аспект на младиот наратор и со младешки сензибилитет. Главниот лик Гаја е родена во проблематично семејство: нејзината мајка, Антонија, имала четири деца, првото на само седумнаесет години од случајна врска, а другите од градежниот работник Масимо, кој останал во инвалидска количка по несреќа на работното место. Тие живеат на периферијата на Рим во соба од дваесет квадрати што Антонија ја зела од локалните социјални институции и каде што нејзините дечиња близнаци спијат во картонска кутија. Таа прави сè што може за да му даде малку надеж на своето семејство, таа е двигателот на сè што треба да се направи за семејството, таа е столбот на семејството, која е бескрајно енергична за да ги надмине безнадежноста и неподносливоста и на своето семејство. Гаја ја поминува својата младост соочена со свет кој нема што да ѝ понуди, кој никогаш нема да ја прифати и кој нема да направи ништо за да биде прифатена. Ќе најде љубов и пријателство, но без вистински да ги прифати, ќе ја почувствува тежината на очекувањата, лагите и предавствата, љубомората, недоразбирањата, осаменоста и суровата реалност на животот…
Водата во езерото никогаш не е слатка доби повеќе позитивни критички оцени „Сјаен и моќен глас, како многу долга песна, глас толку уникатен што вакво нешто не сме слушнале некое време, не смеете да го пропуштите“ (Io Donna). „Незаборавна приказна, грациозно напишана и крајно волшебна“ (Thrillernord). „Романот на Каминито е толку жесток, толку вознемирувачки од страница во страница, толку искрен до крајност, што совршено и безнадежно се идентификуваме со неговите ликови и нивните приказни“. (Sul romanzo).
Џулија Каминито (1988, во Рим – Италија) дебитира во 2016 година со романот Големото А, посветен на африканскиот постколонијализам и базиран на семејни случки, за којшто добива неколку признанија, меѓу кои наградите: Берто, Багута (за прво дело), Бранкати (за млади). Потоа ги објавила збирката раскази Ги гледавме другите како играат танго во 2017, приказната Балерината и морнарот во 2018 и романот Еден ден ќе дојде во 2019 година, за којшто ја добива наградата Фиезоле. Во 2021 беше издаден нејзиниот трет роман Водата во езерото никогаш не е слатка.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.