Скопје, 30.07.2024
„Македоника литера“ деновиве го објави најновиот роман за деца на Киро Донев
„Дневникот од штрковото гнездо“, со илустрации на Славица Купенкова и со поговор на Ацо Ѓоргиев.
Приказната во романот се случува меѓу сонот и јавето. Се одвива во едно планинско село во коешто кај своите баба и дедо доаѓаат две внучиња за да го минат летниот распуст. Еден ден, играјќи тенис, топчето малку посилно удрено одлетува во напуштено штрково гнездо. Дедото е принуден да им го симне „непослушното“ топче. И, токму од тука, почнува и нивната авантура. Покрај топчето наоѓа и една- училишна тетратка, која всушност е дневник на некое дете по име Добре Лошиот. За тој пишувач на дневникот со такво име и чудно презиме- дедото нема слушнато. За да го откријат авторот на дневникот, дедото и децата наизменично го читаат и откриваат дека тоа дете раскажува речиси неверојатни нешта. Но и загатката станува сè понерешлива…
Во поговорот Ацо Ѓоргиев пишува:
„Како и вообичаено, и овојпат Киро Донев настаните во приказната тој ги сместува
во кругот на семејството, каде е неминовна хиерархијата, посочувајќи му на детето –
читател, дека сè во животот започнува и завршува со семејното огниште.
Стилот и јазикот, облеката на зборовите, хумористичната интонација и гледајќи на
сè околу себе со очите на детето – Донев и овојпат како и многу пати пред тоа, од дело
до дело, од книга до книга, се надминува себеси, внесувајќи нешто ново, што досега не
им го кажал на своите читатели, па овојпат со `Дневникот од штрковото гнездо`, тој
воведува нова игра што се одвива меѓу сонот и јавето…“
Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на педесетина книги за деца:
романи, раскази, гатанки, повести, пиески, стихозбирки и сликовници. Тој е еден од
најпопуларните и најчитаните македонски автори, не само кај писателите за деца,
туку воопшто во македонската литература. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазиции тој е меѓу најпреведуваните македонски писатели за деца.