И при повторната постапката за избор на директор на Националната установа Центар за култура „Антон Панов“ – Струмица, согласно одлуката на Управниот суд , се потврди првичното Решение на Министерството за култура дека единствен кандидат кој повторно ги исполни сите услови на Јавниот оглас, е поранешниот директор Васил Бубев.
Имајќи го предвид фактот дека кандидатките Јасмина Пијанманова и Оливера Аризанова Маннсбарт, и покрај укажувањето од Комисијата за селекција да ја достават потребната документација, тие тоа не го направиле. Поточно, едната кандидатка не доставила никаков дополнителен документ, а другата доставила сертификат кој што не соодветствува на меѓународно признаените сертификати утврдени во Законот за култура, предвидени во Јавниот оглас. Со тоа кандидатките повторно не ги исполнија условите на Јавниот оглас.
Во извештајот на Државниот Управен инспекторат е констатирано дека кандидатот Васил Бубев во периодот додека бил директор на НУ ЦК „ Антон Панов“ – Струмица, ги прекршил член 10 од Законот за административни службеници и член 43 став 1 од Законот за вработени во јавниот сектор.
Од тие причини, министерката за култура, Ирена Стефоска, одлучи да не избере директор од пријавените тројца кандидати сè до распишување на нов Јавен оглас за избор на директор, одговорно лице на установата останува в. д. директорот Слободан Ѓошиќ.