НУ Библиотека Охрид: Задоволство од доделените средства за 2023 година

????????????????????????????????????

По соопштувањето на резултатите од Годишниот конкурс за институциите од национален карактер од страна на Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, директорот на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, Милчо Јованоски изрази задоволство од прифатените проекти и планираните средства кои за нивна реализација ќе ги одвои ресорното министерство за култура.
– На конкурсот за 2023 година Конкуриравме со 28 проекти претежно во областа на библиотечната дејност, набавката на нови книги но и во делот на издавачката програма, инвестициите и меѓународната соработка. Среќен сум што Комисиите составени од стручни лица во тие области прифатија дури 21 наш проект за кои ќе бидат издвоени на 1.500 000, денари. Тоа се средства кои се плус од финансиите кои Министерството ќе ги одвојува за нашата Установа за плати и материјални трошоци. Важно е да се нагласи дека и во време на економска криза и војната во Украина која се рефлектира индиректно и врз Буџетот во културата нашата Установа за годинава по Конкурсот добива најмногу средства за Проекти во последнава деценија ипол, вели директорот Јованоски.
Според него, освен за збогатување на книжниот фонд, за кој годинава ќе бидат издвоени 350 000 денари, Министерството, финансиски ќе помогне во делот на заштитата на оштетените стари раритетни книги по пат на конзервација и реставрација и создавање на услови за соодветен трезор во Библиотеката за нивно чување. Проектот тежи 300.000 денари и годинашните зафати ќе значат само почеток на овој долг процес.
-Прв пат Библиотеката добива два проекти во делот на меѓународната соработка преку кои ќе биде претставено творештвото на големиот поет Григор Прличев. Имено, Извршниот комитет на Меѓународната академија „Михаи Еминеску“ од Крајова во Романија кој меѓу своите основачи има двајца добитници на Нобелова награда, како единствена институција во Романија поканета од Кралската Шведска академија и Нобеловиот комитет да номинира кандидати за Нобеловата награда за литература, заедно со НУ Библиотека „Григор Прличев“ годинава ќе организираат едно издание од нивниот Светски поетски фестивал токму во Охрид. За оваа намена како поткрепа од министерството, библиотеката ќе добие 190 000,00 денари. Меѓу другото годинава ќе почне соработка помеѓу НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид и ЈУ Библиотека „Борисав Бора Станковиќ“ од Врање. Ќе следи потпишување на Меморандум за соработка, собирање искуства во областа на библиотекарството и запознавање на граѓаните со македонската и српската книжевност, вели Јованоски.
Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска образложувајќи ги резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес истакна дека оваа година, според исходот од конкурсите, културата останува во духот на разновидноста, традицијата и националниот идентитет. Буџетот за поддршка на проекти во културата за оваа година изнесува 12,5 милиони евра.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.