Почетна КУЛТУРА Светот на филмот  „Нови автори“ и „Докуникулци“ на 15. „МакеДокс“

 „Нови автори“ и „Докуникулци“ на 15. „МакеДокс“

Јубилејното 15. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ се ближи кон крајот. Претпоследната вечер, на 21 август, главно е посветена на програмата „Нови автори“, а ќе бидат прикажани и три кратки документарни филмови кои се реализирани во рамки на школата за документарен филм „Докуникулци“.

Во објектот Куршумли ан, во 21 часот, ќе биде прикажан краткиот филм „Како болно жолта“ на косовската авторка Норика Сефа, а во истиот блок е и долгометражниот документарен филм „Холивудгејт“ (Германија, САД / 2023 / 91мин.). Кога САД се повлекоа од својата 20-годишна „бесконечна војна“ во Авганистан, Талибанците одново презедоа контрола над опустошената земја и веднаш најдоа американска база полна со оружје – само дел од повеќе од 7 милијарди американски долари во наоружување, кои сѐ уште се во земјата. Режисерот Ибрахим Наш’ат поминува една година во Авганистан, следејќи ги Талибанците додека тие ги присвојуваат тајните резерви на оружје што Американците ги оставиле и се преобразуваат од една фундаменталистичка паравоена група во тешко оружен воен режим. Режијата на „Холивудгејт“ е на Ибрахим Наш’ат, сценаристи се Ибрахим Наш’ат, Талал Дерки и Шане Борис, а монтажата е на Атанас Георгиев и Марион Тур.

Во терминот од 23 часот во Куршумли ан на програмата е филмот „Кој ќе затропа на мојата врата“ (Србија, Босна и Херцеговина / 2024 / 84 мин.) на Маја Новаковиќ. Во срцето на Босна и Херцеговина, Емин, кој е на залезот од својот живот, макотрпно работи со својот верен коњ. Среде големи студови и сурови услови, бара утеха и топлина во прегратката на природата и наоѓа краткотраен спокој во споделувањето на своето бреме со својот единствен пријател. Приказна за човекот и тагата како универзално човечко искуство, кое може да нè осамува, но и да нè поврзува.

На Плато пред Музеј на Македонија, во терминот од 20.30 часот, на програмата се краткиот филм „Помпеја“ (Шпанија / 2023 / 10 мин.) на Марија Кастан де Мигуел и долгометражниот „Да славиме довека“ (Словенија, Италија, Полска, Србија, Австрија / 2024 / 87 мин.) на Маја Доротеја Предлог.

Филмското платно во Сули ан, исто така, ќе биде исполнето со новите гласови во документарниот жанр. Во терминот од 20.30 часот е долгометражниот филм „Амор“ (Италија, Литванија / 2023 / 101 минута) на Вирџинија Елеутери Серпиери. На еден надреален начин, режисерката Серпиери ја преобмислува смртта на својата мајка, која зачекорува во водите на реката Тибар и е проголтана од амбисот.

Три кратки документарни филмови, кои се реализирани во рамки на школата за документарен филм „Докуникулци“ на „МакеДокс“, ќе бидат прикажани во Сули ан во терминот од 22.30 часот. На програмата се филмовите „Хелоу Алекс“ на Александра Петровска, „Винил вртлог“ на Марко Иван Кочишки и „Уживајте во кањонот“ на Калин Маџовски.

metropolis-big