АНТОЛОГИЈАТА НА СРПСКИОТ ФИЛМ содржи 11 наслови продуцирани од раните 60-ти до средината на 80-тите години на минатиот век. Без разлика дали ќе се согласите или не дека се работи за „подоброто минато“ на една национална кинематографија, самиот список на филмови се чини навистина како „супер тешка“ категорија во боксот.
Изборот на тие наслови од листата на 100-те најдобри филмови на српската кинематографија, дигитално реставрирани, во редослед на мајската програма, изгледа вака: КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ? (Ko to tamopeva? / Who is Singing There?), МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ (Maratonci trče počasni krug / The Marathon Family), ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’ 68 (Varljivo leto ’68 / The Elusive Summer of ’68), БАЛКАНСКИ ШПИОН (Balkanski špijun / Balkan Spy), НАЦИОНАЛНА КЛАСА (Nacionalna klasa / National Class Category Up to 785 ccm), ПЛАСТИЧЕН ИСУС (Plastični Isus / Plastic Jesus), КОГА ЌЕ БИДАМ МРТОВ И БЕЛ (Kad budem mrtav I beo / When I Am Dead and Gone), ЉУБОВЕН СЛУЧАЈ ИЛИ ТРАГЕДИЈАТА НА СЛУЖБЕНИЧКАТА ВО ПТТ (Ljubavni slučaj ili tragedija službenice P.T.T. / Love Affair, or The Case of the Missing Switchboard Operator), ВЕНЕЦОТ НА ПЕТРИЈА (Petrijin venac / Petria’s Wreath), ЉУБОВ И МОДА (Ljubav I moda / Love and fashion) и ДАВИТЕЛ ПРОТИВ ДАВИТЕЛОТ (Davitelj protiv davitelja / Strangler vs. Strangler).
Имињата на Слободан Шијан (Slobodan Šijan), Горан Паскаљевиќ (Goran Paskaljević), Душан Ковачевиќ (DušanKovačević), Божидар Николиќ (BožidarNikolić), Горан Марковиќ (Goran Marković), Лазар Стојановиќ (Lazar Stojanović), Живоин Павловиќ (Živojin Pavlović), Душан Макавеев (Dušan Makavejev), Срѓан Карановиќ (Srđan Karanović ) и Љубомир Радичевиќ (Ljubomir Radičević) како автори на филмовите се добро познати, речиси како имињата на играчите на некој омилен клуб или репрезентација во фудбал, кошарка, ракомет…
Мајската кинотечна програма по „најдоброто од српската кинематографија“ накратко ве води во далечната Азија, со ДЕНОВИТЕ НА ИНДОНЕЗИСКИ ФИЛМОВИ. Следува секогаша атрактивната НЕДЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКИ ФИЛМ, па РЕТРОСПЕКТИВАТА НА ЛУИС БУЊУЕЛ во рамки на годинешниот ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ.
Мајскатапрограма отвора едно мало прозорче во современата канадска кинематографија со ТРЧАЈ ЖЕНО, ТРЧАЈ (Run Woman Run), потоа поетичкиот филм ЗА БЕСКРАЈОТ (Om det oändliga / About Endlessness) на Рој Андерсон (Roy Andersson), а по стариот добар обичај ќе ве потсетиме и на неколку на слови кои го привлекоа вашето внимание минатиот месец: БЕСКОНЕЧНА ПОЕЗИЈА (Poesía sin fin / Endless Poetry) на Алехандро Ходоровски (Alejandro Jodorowsky), КВО ВАДИС, АИДА? (Quo Vadis, Aida?) на Јасмила Жбаниќ (Jasmila Zbanić), СИНОТ НА САУЛ (Saul fia / Son of Saul) на Ласло Немеш (László Nemes), КВАДРАТОТ (The Square) на Рубен Остлунд (Ruben Östlund), СО СРЕЌА ДУПЕЊЕ ИЛИ УЛАВО ПОРНО (Babardeală cu buclucsau porno balamuc / Bad Luck Banging or Loony Porn) на Раду Јуде (Radu Jude)…
Мајската програма стандардно ќе понуди и по еден филм во избор на Францускиот институт и Гете институтот.