„Златната камера 300“ на јубилејното 40. издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ му припадна на бразилскиот филм „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“ во режија на Карим Аинуз, чија фотографија ја потпишува француската снимателка Елен Лувар. Станува збор за еден извонреден епски филм што ја следи судбината на две сестри, кои ќе бидат разделени додека се обидуваат да ги остварат своите соништа. За жал, ниедна од нив нема да успее во тоа, но и двете мислат дека барем на другата и е добро и сонуваат за своето повторно обединување.
Интересно е дека другите две награди, „Сребрената и Бронзената камера 300“ им припаднаа на филмови во чиј фокус е животот и окружувањето на локалните банди. „Сребрената камера 300“ ја доби кинескиот филм „Езерото на дивите гуски“ на Јинан Диао и директорот на фотографија Џинсон Донг, додека „Бронзената камера 300“ му припадна на италијанскиот филм „Пирани“ на Клаудио Џованези и снимателот Даниеле Ципри. Инаку, жирито одлучи да додели и Специјално признание за полската директорка на фотографија Јоланта Дилевска, добро позната на фестивалот и на битолската публика со своите претходни филмови, а овде наградена за рускиот филм „Ајка“ на Сергеј Двортсевој „поради интуитивната употреба на камерата – пристап кој визуелно и драматуршки ја изразува емоцијата на главниот лик“. А и факт е дека целиот филм го носи главната актерка Самал Јесламова, која лани во Кан ја доби наградата за најдобра актерка.
И наградата „Мала камера 300“ за краток филм овој пат и припадна на жена, на Констанца Сандовал од Аргентина, за филмот „Чудовишен господ“ заради „поетичноста на сликата и суптилното користење на боите во приказната“. Годинава во програмата беше видливо присуството на голем број директорки на фотографија, од кои три ги освоија и наградите, наспроти фактот што во 40-годишната историја на фестивалот почесна „Златна камера 300“ досега нема освоено ниту една жена.
Како што веќе се знае годинешни лауреати на наградите за животно дело се Ед Лакман, на кого „Златната камера 300“ му беше доделена на отворањето, и грчкиот директор на фотографија, Јоргос Арванитис, на кого почесната награда му беше врачена на затворањето. Арванитис е познат по својата соработка со Тео Ангелопулос, Волкер Шлендорф, Агњешка Холанд, Марко Ферери, но и со Горан Паскалјевиќ. „Во текот на речиси шест децении тој осветлил и обликувал слики со исклучителна убавина во повеќе од стотина играни филмови низ Европа и низ Медитеранот. Во меланхоличниот свет на режисерите доловува јасност со ненадмината елеганција, со својата камера дава текстура и длабочина дури и на сенишните и лаконски ликови“.
Во осум дена на пет локации со 128 филмски наслови создавани низ цела планета од филмски уметници од над 50 земји во светот, подредени во 14 фестивалски програми , беше сместено 40. јубилејно издание на најпрестижната филмска манифестација не само во Македонија туку и на Балканот , Интернационалниот филмски фестивал за камера “Браќа Манаки“. 40, издание го посетија бројни лауреату од минатогодинишните изданија а присутни беа : тандемот Фатих Акин и Рајнер Клаусман, чиј разговор беше толку посетен што мораше да биде преместен во големата сала, потоа режисерот Џим Шеридан, како и големиот британски снимател Џон Метисон, па Пол Рене Ростад, претседател на бордот на Асоцијацијата на филмски сниматели (ИМАГО), како и Ерик Готје, минатогодишен добитник на една од наградите…
Беше навистина задоволство да се види како се собрани на едно место толку големи имиња, кои се буквално легенди во својата работа и каков респект имаат едни кон други, како доаѓаа на мастеркласите и на филмовите на другиот и водеа многу интересни меѓусебни дискусии.
Ова беше и најважната карактеристика на 40. издание на Браќа Манаки, затоа што собра врвни имиња од светот на филмот и со тоа се потврди дека е Манифестација коха не залудно високот с ерангира во Европските и Светските манифестации од ваков вид.