„Македоника литера” ја објави книгата „На север од егејскиот свет” од Драги Митревски, која е сублимат на досегашните научни сознанија од истражувањата на авторот за бронзеното и железното време на територијата непосредно на север од Егејското Море, од јадранскиот брег во Албанија до Црното Море во Бугарија.
Како што соопшти издавачката куќа, книгата е целосно заокружена слика за културниот развиток на заедниците од таа територија, до нивното организирање во првите антички држави.
– Книгата е базирана на севкупните досегашни археолошки откритија од териториите на денешните модерни држави на тој простор, обединувајќи ги на едно место во цврсто документирана научна целина, која преставува драгоцен прилог за балканската археологија и културна историја. Таа е плод на тридецениското проучување и документирање на сите археолошки податоци што произлегуваат од теренските истражувања на локалитетите од бронзеното и железното време на територијата на целата т.н. среднобалканска зона, соопшти „Македоника литера”.
Во предговорот на книгата авторот Митревски пишува дека белезите на материјалната и духовна култура на заедниците на север од егејскиот свет, според археолошките наоди, во многу сегменти се блиски меѓу себе, но и во речиси ист однос, како кон истовремените појави на југ во егејскиот басен, така и кон културите на север, во карпатско-подунавскиот басен.
-Оттаму се поставува прашањето дали тој регион да се посматра како северна периферија на т.н. егејски свет, како јужна периферија на карпатско-подунавскиот свет или како засебна етнокултурна структура. За одговор на ова прашање неопходно е да се сумираат сите податоци што произлегуваат од археолошките истражувања во последните 100 години, од денешните територии на Јужна Албанија, Северна Македонија, Северна Грција и Јужна Бугарија, вели авторот на книгата која е илустрирана со стотина фотографии.
Д-р Драги Митревски е редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје – Институт за археологија. Ги предава предметите Праисториска археологија, Протоисториска археологија и Методологија на археолошките истражувања. Автор е на десет монографии и 80 трудови публикувани во различни домашни и странски стручни списанија. Реализирал триесетина археолошки проекти меѓу кои најзначајни се повеќегодишните истражувања на локалитети: Вардарски Рид – Гевгелија, Скопско кале, Уланци – Градско и Билазора – Свети Николе.
Корисник е на странски стипендии како Фулбрајтова стипендија за постдокторска работа на Бостонскиот универзитет, САД и германска стипендија за истражувања во Ромиш – Германскиот централен музеј во Мајнц. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и највисоката државна награда за дострели во науката и образованието „Св. Климент Охридски”, како и промоцијата во почесен член на Бугарската академија на науките.
-Митревски е еден од најавторитетните археолози на Балканот за периодот на бронзеното и железното време. Тој лично учествувал во најголем број од истражувањата во последните 35 години во споменатиот регион од Балканот, било како непосреден раководител, како стручен консултант или како гостин во стручната екипа, особено на локалитетите во Република Македонија. Сето тоа му овозможува научна и стручна компетенција за овој проект, со кој се заокружува доволно документирана слика за културниот развиток на наведената територија во споменатиот период, соопшти „Македоника литера”.
„На север од егејскиот свет” нова книга од Драги Митревски
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.