М-Р МИЛЧО ЈОВАНОСКИ: Почестен сум со Цветиновата награда за мир!

88

27.08.2024

Деновиве во Охрид, му беше врачена Цветинова награда за Мир, на м-р Милчо Јованоски, директор на НУ Библиотека “Григор Прличев”.

По повод наградата м-р Јованоски изјави:

– Почестен сум што почитуваниот миротворец Живко Поповски Цветин со кого се познаваме над 35 години, ме изненади и на моето работно место во НУ Библиотека „Григор Прличев“ ми ја врачи впечатливата „Цветинова награда за мир“. Сум добивал често награди и признанија, но ова ми една од најдрагите со оглед на тоа што во неа вирее хуманата димензија на идејата за мир дома и во светот. Постојано, кога можам ја поддржувам креативноста и инвентивноста, но и филантропија која е длабоко вгнездена во почитуваниот Живко Поповски Цветин и која тој ја шири при секоја средба со луѓето. Нашето пријателство, како што и сам ми рече се темели на обострано почитување и без калкулации сиве овие децении. Мислам дека така ќе остане и во иднина. Без двоумење ја потпишав и Декларацијата за мир во светот и борба против нуклеарното оружје во пресрет на 21 септември- Меѓународниот ден на мирот која ќе патува во ООН. Сонот на секој човек е да има мир, топол дом, семејство, работа и храна… Ајде сите заедно да ја продолжиме мисијата на мирот и хуманоста, како што неуморно тоа го прави нашиот пријател Цветин.

Плико, коверт и разгледница, со текстот од писмото што го добил Живко од Мајка Тереза во април 1984 година, деновиве се упатени по пошта до НУ Библиотека ,,Григор Прличев” Охрид, како симболичен чин кон оваа награда.

М-р Милчо Јованоски има дипломирано на Филолошки факултет група македонски јазик и југословенска книжевност, магистер е по медиуми и комуникации, а поседува и звањето виш библиотекар. Зад себе има над три децениска кариера како новинар и публицист а бил и главен и одговорен уредник и директор на Радио Охрид. Под негова директорска палка охридската градска библиотека стана активна, доживеа процвет и доби награда за најдобро работење на ниво на цела држава.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.