Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, во рамките на европскиот филмски маркет на Берлинскиот филмски фестивал, на 18 февруари ќе ја промовира новата ВОД-платформа – https://www.doc-around-europe.net/. Платформата ќе има за цел на европската публика во наредните две години да ѝ понуди можност да погледне повеќе од 70 документарни филмови од автори во подем.
Платформата претставува една од активностите на мрежата на фестивали „Doc Around Europe“, чиј основач е „МакеДокс“ заедно со „Docs Barcelona“ (Шпанија), FIPADOC (Биариц, Франција), „DOK.fest Munich“ (Германија) и „Verzio“ (Будимпешта, Унгарија). Како фестивал кој доаѓа од земја со низок аудиовизуелен капацитет, „МакеДокс“ има за цел да го промовира балканскиот документарен филм преку активностите на мрежата.
Мрежата своите активности ги започна во 2020 година и има за цел да ги промовира младите автори и авторите во подем. Во досегашните активности на мрежата беа опфатени повеќе од 80 филмови и нивните автори, автори и продуценти со проекти во развој, како и други млади професионалци од областа на документарниот филм.
Платформата има за цел да промовира висококвалитетни европски документарци кои ќе допрат до пошироката публика и ќе го зајакне нивното присуство на интернационалните маркети.
Освен тоа што ВОД- платформата ќе биде отворена за публиката ширум Европа, во нејзин склоп ќе биде креиран посебен дел наменет само за професионалци од филмската индустрија во Европа. Во овој дел, кој ќе има ограничен пристап зa индустријата, ќе бидат поставени дополнителни 100 документарни филмови од автори во подем и млади автори, кои ќе бидат понудени на дистрибутери, фестивалски селектори, ТВ и ВОД-платформи. Со ова мрежата ќе им се овозможи на самите таленти/филмови поголема достапност кон документарната индустрија, поголема видливост и зголемување на можностите за создавање и допирање до нова публика надвор од нивните национални територии на ниво на европскиот континент и пошироко.